Кристијано Роналдо имаше искрено и долго интервју со неговиот можеби омилен новинар, Пирс Морган, во кое зборуваше за многу теми како што е неговиот поранешен клуб Манчестер Јунајтед, Светското првенство…
Но, токму делот за Манчестер предизвика најголеми реакции. Во интервјуто тој вели: „Тие немаат никаква структура… но, тие сè уште се во моето срце. Го сакам тој клуб“.
Во однос на тренерот на клубот, кој е и негов сонародник, Роналдо застана во одбрана на Аморим: „Што ќе направи со него (Аморим), чуда?. Некои играчи едноставно го немаат вистинскиот менталитет за тоа што претставува Манчестер Јунајтед“.
Она што ги изненади неговите фанови беше и изјавата која ја даде за Светското првенство, изјава која е дијаметрално спротивна од претходните негови изјави токму на настапите кај истиот водител.
Ако во 2022 година Роналдо тврдеше дека “Светското првенство е мојот огромен сон”, тој сега вели: „Светското првенство воопшто не е мој сон“.
Тој рече и дека не е сигурен дали ќе игра на Мундијалот во 2026 година, но дека освојувањето на светскиот трофеј не е она што треба да го дефинира како играч.
Капитенот на Португалија инсистира дека неговото фудбалско наследство нема да биде „дефинирано“ од тоа дали некогаш ќе успее да го постигне успехот на Лео Меси и да го освои Светското првенство. А, кога сме веќе кај Меси, и за него имаше што да каже: „Дали е Меси подобар од мене? Не би рекол. Не сакам да бидам скромен“.
Само за споредба, еве ја неговата изјава од 2022 година:
„Освојувањето на Светското првенство со Португалија е најголемиот и најамбициозен сон во мојата кариера. За среќа, имам освоено многу интернационални титули, вклучувајќи ги и они со Португалија, но ставањето на името на мојата земја на највисокото ниво во светот е мојот најголем сон“.
Ова се изјави само од првиот дел од интервјуто, а другиот го очекуваме денес 🙂



