Лигата на шампионите утревечер носи вистински спектакл на стадионот „Диего Армандо Марадона“. Новиот тренер на Челси, Лијам Росениор, се подготвува за својот најголем европски испит досега на соочувањето со човекот кој последен му ја донесе титулата во Премиер лигата на лондонскиот клуб, Антонио Конте.
Огромна почит за „италијанскиот генерал“
Росениор не штедеше пофалби за својот колега на спротивната страна. За него, Конте е пример за страст и професионализам кој успева да го пренесе својот победнички менталитет на секоја екипа што ја води.
„Имам огромна почит кон него. Беше величенствен фудбалер, а сега има неверојатна тренерска кариера. Неговата страст е заразна. Тој е тренер кој освои многу титули, вклучувајќи ја и онаа со Наполи минатата сезона. Иако резултатите на Наполи во последно време не ги следат нивните добри партии, знаеме дека нè чека исклучително тежок меч во специфична атмосфера“, изјави Росениор.
Наполи на „сè или ништо“, Челси со враќање на „магионичарот“
Ситуацијата во групата е наелектризирана. Наполи се соочува со рана елиминација и едноставно мора да победи за да остане во игра. Од друга страна, Челси брка бодови за да обезбеди место меѓу првите осум, што гарантира директен пласман во нокаут-фазата.
Најголемата вест за навивачите на „Сините“ е враќањето на Кол Палмер. Клучниот играч на Челси ги пропушти последните два натпревари поради повреда на бутниот мускул, но сега е подготвен за настап. Росениор ги смири страстите и околу шпекулациите за заминувањето на Палмер, нагласувајќи дека нема никаква причина за такви разговори.
Составот на Челси за Неапол
Иако Филип Јоргенсен се враќа меѓу стативите, Челси сепак ќе биде без услугите на Ромео Лавија, Леви Колвил и Тосин Адарабиојо, кои останаа во Лондон да работат на својата фитнес форма. Во нападот, покрај Палмер, главна закана за голот на Наполи ќе бидат Гарначо, Жоао Педро и младиот Естевао.
Утревечер во Неапол нè очекува тактичка битка меѓу „стариот волк“ Конте и „новиот бран“ на Росениор. Дали Челси ќе ја преживее вулканската атмосфера на југот на Италија?



