Иако Арсенал веќе ја завери шампионската титула, последното коло во англиската Премиер лига, кое се игра денес, гарантира брутална драма до последната секунда. Во игра се стотици милиони евра од ТВ-права (секоја позиција погоре на табелата носи дополнителни 3 милиони евра), визи за Лигата на шампионите, но и последното мачно место кое води во понизок ранг.
Еве ја комплетната листа на натпревари и сите математички комбинации пред денешниот фудбалски земјотрес на Островот.
Војна за Лондон: Тотенхем или Вест Хем – кој ќе преживее?
Битката за опстанок се сведе на само две лондонски имиња. Тотенхем ја држи судбината во свои раце и со победа над Евертон на домашен терен сигурно обезбедува спас. Дури и реми речиси сигурно ќе им заврши работа на „мамузите“ поради далеку подобрата гол-разлика во однос на најблискиот ривал.
Од друга страна, за Вест Хем ситуацијата е „сега или никогаш“. „Чеканите“ мора задолжително да го победат Лидс на домашен терен и да се молат Евертон да слави кај Тотенхем. Доколку Вест Хем киксне, клубот по цели 15 години за првпат ќе испадне во понизок ранг (Чемпионшип). Вулверхемптон и Барнли одамна се отпишани, па денес играат само за престиж и за бегство од последното место на табелата.
Лудата математика за Европа: Како Борнмут може до Лигата на шампионите?
Зад шампионот Арсенал и фиксниот Манчестер Јунајтед, во горниот дел на табелата владее невиден хаос за преостанатите елитни позиции. Астон Вила на Унаи Емери веќе го обезбеди својот сон откако во средата го освои трофејот во Лига Европа со победата над Фрајбург (3-0), па сега им треба само бод против Манчестер Сити за да го заверат четвртото место на табелата.
На петтата позиција е Ливерпул, на кого му е доволно само реми против Брентфорд за да го потврди пласманот во Лигата на шампионите. Но, тука започнува вистинското лудило наречено European Performance Spots (EPS). Бидејќи Астон Вила веќе оди во ЛШ како освојувач на Лига Европа, доколку тие завршат на петтото место на табелата, тогаш бонус-местото на Премиер лигата автоматски се префрла на шесттата позиција на табелата.
Ова е златното сценарио за Борнмут. „Црешите“ веќе обезбедија историски прв излез во Европа со серијата од 17 меча без пораз, но доколку Ливерпул ја престигне Вила, Борнмут со бод против Нотингем Форест може да направи сензација и наместо во Лига Европа, следната сезона да игра во Лигата на шампионите! Шанса од заседа чека и секогаш опасниот Брajтон, кој со победа над Јунајтед и кикс на Борнмут може да ја украде шесттата позиција.
Битка за Конференциската лига и лов на историски рекорди
Зад водечката шестка, Челси, Брентфорд и Сандерленд се збиени во само еден бод разлика за излез во Конференциската лига на УЕФА. Челси со триумф кај Сандерленд си ја завршува задачата, но „црните мачки“ со поддршка од култниот домашен терен бркаат победа со која целосно би ги шокирале „сините“ од Лондон.
Покрај тимските битки, денешниот ден е резервиран и за индивидуална бесмртност. Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, против Брајтон ја брка својата 21-ва асистенција со која дефинитивно би ги оставил зад себе Тиери Анри и Кевин Де Брујне како апсолутен крал на креативноста во историјата на англискиот фудбал.
Истовремено, голманот на шампионот Арсенал, Давид Раја, против Кристал Палас ќе се обиде да ја зачува мрежата чиста по 20-ти пат сезонава, со што би го срушил легендарниот клупски рекорд на Дејвид Симан. Ерлинг Халанд, пак, веќе ја има спакувано својата трета Златна копачка, со пет гола предност пред Игор Тијаго. Сè е подготвено за невиден фудбалски ролеркостер!



