Сагата заврши: Мато во Хартс! Вардар остана без најдобриот фудбалер и сепак извлече нешто!

Објавено:

Најдолгата трансфер-сага оваа зима конечно доби свој епилог. Роџерс Касим Мато, најдобриот фудбалер на Вардар, заминува во шкотскиот Хартс – веднаш!

Откако пред повеќе од две недели „бомбата“ одекна дека Мато потпишал преддоговор со Хартс за трансфер на лето (бесплатно), работите добија нов тек. Наместо да го чекаат до јули, Шкотите решија да го доведат репрезентативецот на Уганда уште сега, на позајмица до крајот на сезоната, по што ќе стапи на сила неговиот тригодишен договор.

Вардар потврди: Мато е позајмен

Фудбалскиот клуб Вардар преку официјално соопштение ја потврди зделката:

„ФК Вардар АД ја информира јавноста дека фудбалерот Роџерс Кассим Мато ќе настапува за Хартс (Шкотска) како позајмен играч до крајот на сезоната. Му посакуваме многу успех и среќа во новиот предизвик“.

Иако деталите за финансиите не се официјално објавени, јасно е дека Вардар сепак успеал да извлече некаква корист од оваа ситуација. Наместо Мато да си замине бесплатно на лето, клубот најверојатно добил симболично обештетување за позајмицата или заштеда на неговата плата за следните шест месеци. Ова е секако подобро сценарио од „најлошото“ за кое пишувавме претходно, да се загуби највредниот играч без ниту еден денар.

Мекинес: „Мато е експлозивен играч“

Тренерот на Хартс, Дерек Мекинес, не го криеше задоволството од новиот фудбалер:

„Одлично завршена работа од клубот. Тој е ’жива струја’, играч кој секогаш напаѓа и прави проблеми на противничката одбрана. Веќе се запозна со момците и остави добар прв впечаток.“

Мато (22) зад себе остава импресивна есен во Вардар со 12 гола на 13 натпревари, што го искачи тимот на врвот на табелата. Тој веќе е во Единбург, ги поминал лекарските прегледи и се очекува да биде во комбинација за настап викендов против Данди Јунајтед. Ќе го носи дресот со број 74.

Што значи ова за Вардар?

Заминувањето на Мато е огромен удар за шампионските амбиции на „црвено-црните“. Неговите голови и асистенции ќе бидат тешко заменливи. Сепак, со доаѓањето на Стефан Цветковиќ и враќањето на Дарко Велковски (како што најавивме вчера), управата покажува дека не се откажува од титулата.

Роџерс, ти благодариме за сè! Ти благодариме за головите, за Купот, за есенската титула. Со среќа во Шкотска, мајсторе!


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено