Додека општинските власти сечат ленти и се фалат со модерно реновираната сала „Градски парк“, која отсега ќе го носи името на легендата Лазар Лечиќ, реалноста внатре во клубот е застрашувачка. Кошаркарите и стручниот штаб на КК Работнички денеска излегоа со брутално искрено соопштение во кое ја открија мизеријата во која функционира најтрофејниот македонски клуб.
Осум неисплатени плати и лажни ветувања
Состојбата во клубот е повеќе од алармантна. Играчите јавно признаа дека им се должат дури осум плати, што е директен удар врз нивното достоинство и егзистенција. Како што велат во соопштението, градоначалникот неколкупати ги излажал со ветувања кои не се исполнети, додека спортскиот директор со недели не им одговара на телефонските повици.
„Ова не е само финансиски проблем, ова е системско непочитување. На патувања сме оставени сами на себе, често навивачите ни ги покриваат трошоците за превоз. Срамно е за клуб со ваква историја да функционира без основна логистика и опрема“, се вели во нивната реакција.
Салата се отвори, но без играчите!
Врв на апсурдот е свеченото отворање на реновираната сала. Иако салата е нивната „куќа“, ниту еден играч, ниту член на стручниот штаб не бил поканет на свеченоста. Овој чин кошаркарите го сметаат за крајно понижување, додека се борат за името на клубот во недостоинствени услови.
Дополнителен револт кај спортската јавност предизвика и најавата на градоначалникот дека салата ќе го носи името на Лазар Лечиќ. Иако иницијативата за името е поздравена, времето во кое се реализира, додека играчите се гладни, фрла темна дамка врз целиот проект.
Ултиматум: Или плати, или нема кошарка!
Одлуката на тимот е децидна: Доколку не се подмират заостанатите долгови во најкраток рок, Работнички нема да ги игра следните натпревари.
„Ние не бараме привилегии, бараме основни услови за работа и почит. Секое понатамошно игнорирање ќе значи директно уништување на спортскиот интегритет на клубот“, порачуваат обединетите играчи и тренери.
Во меѓувреме, салата во петок треба да биде домаќин на репрезентацијата на Македонија против Луксембург, но прашањето кое сите го поставуваат е: Што ќе се случи со КК Работнички во сабота?



