Во светот на професионалниот спорт, каде што секој играч се бори за своето место во тимот, ретко се слуша некој јавно да каже дека, не сака да игра. Но, Војчех Шчесни не е обичен играч. Познат по својата искреност, смисла за хумор и страст кон цигарите, полскиот голман уште еднаш ја воодушеви фудбалската јавност.
Поради повредата на првиот голман на Барселона, Жоан Гарсија, Шчесни мораше да застане меѓу стативите на последните три натпревари. Но, наместо да ја искористи шансата да се наметне, тој имаше само една желба: неговиот колега што побрзо да се врати на теренот.
“Не сметам дека ќе бранам на ‘Ел Класико'”
Во изјава за полските медиуми, Шчесни беше брутално искрен.
“Од сè срце му посакувам брзо закрепнување на Жоан. И не, не сметам дека ќе играм на ‘Ел Класико'”, изјави тој, додавајќи ја реченицата што стана апсолутен хит:
“Се надевав дека ќе бидам втор голман, но тоа го носи ризикот понекогаш да станеш и прв.”
Тој, исто така, јасно стави до знаење дека нема намера да се бори за првото место.
“Ја ценам јаснотијата во односот со Жоан. Тој знае која е мојата улога, а јас сакам да му помогнам да го достигне својот максимум. Немам никаков сомнеж кој треба да биде прв голман на Барселона. Тука никогаш нема да има конкуренција за ‘единицата'”, заврши Шчесни.
Реакциите: “Случајно стана важен на работа, го знам тоа чувство”
Оваа изјава, очекувано, предизвика лавина од хумористични коментари на социјалните мрежи.
“Човекот излезе од пензија за мала авантура во Барселона, а стана прв голман”, “Случајно стана важен на работа, го знам тоа чувство”, “Тешко е да пушиш цигари кога си на терен 90 минути”, беа само дел од реакциите.
На крајот, ова е уште еден доказ за уникатниот карактер на Војчех Шчесни – голман кој дојде во Барселона да ужива во животот, да им помогне на младите и да испуши по некоја цигара, но судбината имаше поинакви планови за него.
Целиот текст од интервјуто можете да го прочитате во “Mundo Deportivo”.



