Македонската фудбалска бајка за жал заврши во Копенхаген. Репрезентацијата на Данска славеше со убедливи 4:0 над нашиот национален тим во полуфиналето од мундијалскиот бараж, обезбедувајќи си пласман во финалето каде ќе се соочи со Чешка.
Домаќините го скршија отпорот на македонската одбрана во второто полувреме, постигнувајќи три гола во период од десет минути (еден на Дамсгард, два на Исаксен), додека точка на натпреварот стави Норгорд.
Селекторот на Данска, Брајан Ример, не го криеше задоволството од играта на својот тим, иако во првото полувреме неговите играчи не успеаја да ја затресат мрежата на Столе Димитриевски.
„Двете полувремиња беа слични, единствената разлика беше што головите ги постигнавме по паузата. Направивме многу добри работи во првиот дел, бевме трпеливи и имавме одлични втрчувања. Мојата порака во соблекувалната беше да го задржиме темпото. Знаевме дека ако продолжиме така, физички ќе ги истрошиме, и токму тоа се случи“, изјави Ример за данските медиуми.
Поранешниот тренер на Андерлехт и актуелен предводник на Данска особено ја пофали играта во дефанзивата, со оглед на тоа што поради повреди мораше да излезе со целосно нова одбранбена линија.
„Нашата одбрана не ѝ дозволи на Македонија да создаде ниту една сериозна шанса. Кристијан Норгорд одигра беспрекорно иако неговата природна позиција е во средниот ред“, додаде селекторот, кој не заборави да ги пофали и офанзивните потези на Дамсгард и Исаксен.
Фокус кон „џиновите“ од Чешка
Иако победата над Македонија беше убедлива, Ример ги предупреди своите играчи и јавноста дека работата сè уште не е завршена. Данска в вторник патува во Прага, каде што ќе се соочи со репрезентацијата на Чешка во директна битка за виза за Светското првенство.
„Ова беше само првото полувреме. Нема да ме видите како славам со кренати раце, бидејќи сè уште не сме освоиле ништо. Сега нè чека Чешка – највисоката репрезентација во Европа, тим со огромна физичка сила. Нашите скаути (Томас Каленберг и еден младински селектор) веќе го следеа нивниот натпревар против Ирска и сега имаме пет дена детално да се подготвиме,“ заклучи Ример.
Данска покажа зошто е фудбалска велесила, додека за Македонија останува да ги анализира грешките и да се фокусира на следните квалификациски циклуси за Европското првенство.



