Најтрофејниот менаџер во историјата на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон, даде мрачна прогноза за иднината на клубот, изјавувајќи дека би можеле да поминат уште 10 или 11 години пред „Црвените ѓаволи“ повторно да ја освојат Премиер лигата.
Оваа изјава предизвика веднаш реакција кај актуелниот тренер Рубен Аморим, кој иако го почитува мислењето на легендата, јавно се спротивстави на таквото сценарио.
Фергусон: Ни се случува „Ливерпул синдромот“
Фергусон направи паралела со периодот на Ливерпул од 90-тите години.
„Се сеќавам на моето време, кога почнав, Ливерпул беа фантастичен клуб… но потоа им требаа 30 години да ја освојат лигата повторно. Ние сме сега во иста ситуација. Може да бидат 10, може да бидат 11 години“, изјави Сер Алекс.
Аморим се бори со „разгалени“ ѕвезди
Рубен Аморим дипломатски одговори дека Фергусон разбира фудбал повеќе од него, но додаде: „Нема да ни треба толку долго за да освоиме лига“.
Сепак, Португалецот призна дека во клубот владее чувство на „entitlement“ (привилегираност) кај играчите. Тој ги критикуваше младите Хари Амас и Чидо Оби кои на социјалните мрежи објавуваа слики од своите успеси откако тренерот јавно кажа дека не се подготвени за првиот тим.
„Треба да се бориме против ова чувство. Вратата од мојата канцеларија е отворена, а никој не доаѓа да разговара со мене“, истакна Аморим.
Тренерот исто така ја коментираше ситуацијата со Коби Меину, чиј полубрат носеше маичка „Ослободете го Коби Меину“. Аморим потврди дека младиот играч нема да биде казнет поради постапките на неговото семејство.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



