Куманово сонуваше бајка, полната сала подготвуваше фешта, но МЗТ Скопје Аеродром имаше поинакви планови. Во натпревар кој требаше да биде „Судир на тронови“, видовме само еден владетел. Аеродромци демонстрираа моќ, искуство и шампионски карактер, совладувајќи го домаќинот МКК Куманово со убедливи 96-70 во големото финале на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.
Ова е вкупно 14-ти трофеј во Купот за „штрковите“ и четврти во низа, со што се израмнија со рекордот на Работнички (2003-2006) по бројот на последователни титули.
Лекција по модерна кошарка: Неизвесност само 10 минути
Финалето започна ветувачки за неутралните љубители на кошарката. Куманово, носено од енергијата на 3.500 гледачи, парираше во првата четвртина. Урош Луковиќ и домашните кошаркари одржуваа егал (18-18) до деветтата минута.
Но, тогаш „сината машина“ се вклучи во брзина погоре. Искусниот Бојан Крстевски врза две тројки, а МЗТ ја презеде контролата. Втората четвртина беше демонстрација на сила. Избраниците на Васко Атанасов направија серија со која се одлепија на двоцифрена разлика, користејќи ја секоја грешка на противникот. На полувреме се замина со убедливи 33-48.
Секаква надеж за „кам-бек“ на домаќинот згасна на стартот на третиот период. Тројката на Војдан Стојановски за 35-55 беше знак дека пехарот повторно ќе патува за Аеродром. До крајот, натпреварот беше чиста рутина, а предноста на моменти достигна и +26.
Магдевски „флертуваше“ со трипл-дабл, Танасковиќ царуваше во рекетот
МЗТ Скопје одигра тимски перфектно. Мек Смит-Мексвејн беше најефикасен со 23 поени (шут од поле 9/13), но вистинскиот мотор на екипата беше Андреј Магдевски. Репрезентативниот плејмејкер го заврши мечот со фантастична сестраност: 12 поени, 9 скока, 6 асистенции и дури 6 украдени топки!
Под обрачите, Душан Танасковиќ беше нерешлива енигма со дабл-дабл учинок од 12 поени и 10 скока, додека Чарлс Гил додаде 17 поени.
Кај поразениот домаќин, Урош Луковиќ, Стојан Ѓуроски и Марјан Митевски постигнаа по 13 поени, но тоа беше премалку за да се загрози шампионот.
Историјата се вика Дамјан Стојановски
Оваа вечер има и свој историски херој. Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, го подигна својот 11-ти пехар во Купот на Македонија!
Со ова, тој се осамени на врвот на вечната листа, надминувајќи го легендарниот Перо Блажевски (10). Семејството Стојановски (Огнен, Војдан и Дамјан) сега заедно брои неверојатни 25 Куп-трофеи, податок кој тешко дека некогаш ќе биде надминат.
МВП признанието за Смит-Мексвејн
За најкорисен играч (MVP) на финалниот турнир сосема заслужено беше прогласен Американецот Мек Смит-Мексвејн. Со индекс 26 во финалето и константни партии во текот на викендот, тој стана првиот странец со ова признание по 2022 година.
МЗТ Скопје Аеродром ја потврди својата доминација. Сезоната продолжува, но едно е јасно, патот до трофеите во македонската кошарка води преку Аеродром.



