Македонскиот шампион Шкендија вечерва (18:45 часот) на Националната арена „Тодор Проески“ го игра својот најважен европски натпревар досега во Лигата на Конференциите. Во Скопје гостува словачкиот првак Слован Братислава во дуел кој може да ја одреди европската судбина на тетовските „црвено-црни“.
По поразот од Дрита, шансите на Шкендија за пласман во нокаут-фазата се сведени на минимум, но тие сè уште постојат! Ова е последниот домашен меч за оваа сезона во лигашкиот дел, што го прави дуелот вистински „да се биде или не“ во Европа.
Адутот е Скопје: Ибраими најавува борба
Тимот на Јетон Беќири е свесен за тежината на предизвикот, но оптимизмот е голем. Досегашните позитивни резултати (победа над Шелбурн и реми со Јагјелонија) се остварени токму на домашен терен, што е најголемиот адут на Тетовчани.
Искусниот напаѓач Бесарт Ибраими не го крие значењето на дуелот, повикувајќи на поддршка од трибините.
„Ја знаеме важноста на овој натпревар и со победа можеме да се квалификуваме понатаму. Подготвени сме, мотивирани и ќе го дадеме својот максимум. Верувам дека со малку среќа и голема поддршка од публиката ќе го добиеме овој дуел“, изјави Ибраими.
Сепак, тактичката поставеност на Шкендија веројатно ќе го жртвува Ибраими на почетокот. Поради неговите години и тешкотијата да издржи 90 минути во високо темпо, тој најверојатно ќе чека шанса од клупата, со оглед на тоа што се очекува офанзивен пристап од стартот.
Слован: Искуство, Вајс и најскапиот Марчели
Слован Братислава пристигнува како фаворит и лидер во словачкиот шампионат. Тие веќе ги впишаа првите европски бодови со победата над силниот Рајо Ваљекано (2-1).
Клучни имиња во словачкиот табор се искусниот 36-годишен капитен Владимир Вајс, кој ги држи конците на тимот, и крилото Нино Марчели (со пазарна вредност од 4,5 милиони евра), кој е главен стрелец во отсуство на повредениот Тигран Барсегјан (поранешен играч на Вардар).
За Шкендија, вечерашна победа е круцијална за да направи голем чекор кон нокаут-фазата. Секое реми значи дополнителни калкулации пред последниот, исклучително тежок дуел со АЕК Ларнака на Кипар.



