Скопје ги пречека европските спортисти, спектакуларно отворен EYOF!

 

Објавено:

Со спектакуларна церемонија во спортскиот центар “Јане Сандански”, вчера вечер и официјално беше отворен најголемиот мултиспортски настан некогаш организиран во Македонија, Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) Скопје 2025. Настанот, кој ќе трае од 20 до 26 јули, обединува околу 4 илјади млади спортисти од 50 европски земји и најавува седум дена исполнети со спорт, култура и олимписки вредности.

Во емотивна атмосфера исполнета со музика, визуелна уметност и национален гордост, Церемонијата започна со уметнички настап на четворица тапанари од “Skopje Drumroll Orchestra” и вокалистката и харфистка Сара Мејс, кои понудија синтеза на традиционални и современи звуци. Потоа следеше изведба на химната на Македонија од страна на Хорот при Националната опера и балет и свечено кревање на македонското знаме.

Извор: https://skopje2025.sporteurope.org/

Неповторлив момент беше Парадата на нациите. Атлети од сите 50 делегации, вклучително и тимот на бегалците при ЕОК, гордо маршираа низ арената носејќи ги знамињата на своите земји, симболизирајќи заедничка европска иднина. Публиката ги пречека со громогласен аплауз и им посака топло добредојде во Македонија.

Претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралоc, во својот говор ја потенцираше важноста на EYOF како платформа за спортски и културен развој кај младите:

“Овие Игри се многу повеќе од медали, тие се за учење, поврзување, споделување и живеење на олимписките вредности: извонредност, пријателство и почит. За многумина од вас, ова е прво големо меѓународно искуство, но она што ќе го понесете со себе се пријателствата, спомените и чувството дека припаѓате на големото олимписко европско семејство”.

Извор: https://skopje2025.sporteurope.org/

Силно емотивен момент беше и пристигнувањето на олимпискиот медалист во теквондо, Дејан Георгиевски, како прв носител на Пламенот на мирот и солидарноста, кој го симболизираше почетокот на факелската патека. Потоа му се придружија и познатите македонски спортисти Мила Релиќ, Бобан Илиоски, Дивна Пешиќ, Берат Јакупи и Пулексенија Јованоска, додека факелот свечено го запали атлетичарот Дарио Ивановски.

Публиката за првпат ја слушна и официјалната химна на EYOF Skopje 2025, “Together We Shine”, дело на Роберт Билбилов, изведена од Сара Мејс, Лара Иванова, Јанг Дади и Александар Тарабунов, проследена со импресивно мултимедијално шоу инспирирано од олимписките вредности.

Церемонијата кулминираше со ексклузивен музички настап на светски познатиот артист Кирил Џајковски, кој понуди и краток поглед кон тоа што нè очекува на свеченото затворање.

Извор: https://skopje2025.sporteurope.org/

EYOF Скопје 2025 вклучува натпревари во 15 спортови: атлетика, пливање, кошарка, 3×3 кошарка, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски и планински велосипедизам, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и теквондо. Натпреварите ќе се одржуваат на современи спортски капацитети во Скопје и Куманово, додека гимнастиката ќе се одржува во Осиек, Хрватска.

Македонија ја претставуваат околу 200 млади спортисти, најголема EYOF делегација досега. Организацијата вклучува стотици волонтери и посветен тим кој со месеци работеше за оваа визија да стане реалност.

Скопје, Куманово и Осиек се трите градови-домаќини што ќе бидат центарот на европскиот младински спорт во текот на оваа историска недела. EYOF Скопје 2025 веќе започна да ја испишува својата приказна, онаа во која спортот ги спојува народите, а младите се ѕвездите што сјаат заедно.

Извор: https://skopje2025.sporteurope.org/
Извор: https://skopje2025.sporteurope.org/
 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено