Sky Sports потврди: Мато си оди од Вардар веднаш, Шкотите плаќаат отштета!

Објавено:

Драмата заврши. Нема милиони од Америка, нема седење на трибини, ниту пак чекање до лето. Роџерс Мато е нов фудбалер на шкотскиот премиерлигаш Хартс, а трансферот ќе се реализира веднаш, во овој преоден рок!

Како што ексклузивно јавува Sky Sports Scotland и угледниот Edinburgh News, раководството на ФК Вардар и Хартс постигнале конечен договор за предвремено пуштање на репрезентативецот на Уганда. Во моментов се средува само потребната „папирологија“ за работната дозвола.

Повредата на Шенкленд го „спаси“ Вардар

Иако Вардар првично ја одби понудата од околу 350.000 евра и се обиде да издејствува трансфер во МЛС (кој се покажа како правен лавиринт), среќата сепак им се насмевна на „Црвено-црните“, но поради туѓа несреќа.

Капитенот и најдобар напаѓач на Хартс, Лоренс Шенкленд, заработи незгодна повреда на задната ложа која ќе го оддалечи од терените до два месеци. Ова го принуди менаџерот Дерек Мекинес итно да реагира и да инсистира Мато да биде донесен веднаш, наместо да се чека бесплатниот трансфер на 1 јули.

Вардар сепак ќе заработи (нешто)

Со овој потег, Вардар избегна катастрофално сценарио – да има незадоволен играч (кој не се појави на подготовките во Турција) и на лето да го загуби без денар.

Иако сумата веројатно не е онаа „милионската“ која се најавуваше во соопштенијата за САД, клубот ќе инкасира средства кои се неопходни за преживување, иако дел од колачот (20%) ќе оди и на сметка на Брера Струмица.

Шкотска наместо „американски сон“

Приказната за наводниот трансфер во Спортинг Канзас Сити и објавените скриншотови сега паѓаат во вода. Мато од самиот почеток инсистираше на трансфер во Шкотска, а Хартс остана доследен на својата намера.

Останува само да се финализираат административните процедури, по што Мато ќе го облече дресот на „Срцата“ и ќе ја продолжи кариерата во една од најстарите лиги во светот.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено