Во пресрет на клучните натпревари на нашата фудбалска репрезентација во рамките на квалификациите за Светското превенство, решивме да подариме оригинален детски дрес од ФФМ на едно среќно дете кое сонува и се надева дека ќе ја види Македонија на Мундијалите!
Дресот го однесовме на потпис кај нашиот другар Мартин од NextTime, кој е еден од креативците на истиот, а покрај музиката е воедно и голем вљубеник во спортот и дизајнот. Низ нашиот разговор тој ни раскажа за неговата поврзаност со спортот, за фудбалските детски денови, за неговата пасија за тенис и МотоГП во денешно време… Доколку го пропуштивте тој разговор, можете да прочитате тука.

Љубовта кон спортот се гради уште од млади години, а ние како платформа дадовме завет дека ќе бидеме безбеден простор за младите и децата, без бомбардирање од реклами за обложувалници, казина и брзи кредити. И токму таа чиста пасија за спортот нè инспирираше да израдуваме некој млад навивач на Македонија.
Пресреќни сме што дресот отиде навистина во добри раце, кај едно дете од Свети Николе, чии родители ни испратија фотографии на кои тој го носи дресот со искрена насмевка на лицето. И токму тоа се надеваме дека и понатаму ќе го шириме и ќе бидеме платформа за вистинските љубители на спортот. Пред сè на оние најискрените, најчистите љубители – децата.
Се надеваме дека ова ќе биде инспирација за уште поголема љубов кон спортот, мотивација за поддршка на Македонија на стадион и порака дека сонот за големата фудбалска сцена треба да се негува и бодри.
За кого? За МАКЕДОНИЈА!



