Иако Шпанија веќе ги загуби шансите за полуфинале пред овој натпревар, „Фуријата“ покажа дека никогаш не смее да се отпише. Во тактичко ремек-дело на Џорди Рибера, Шпанија ја совлада Франција со 36:32, нанесувајќи им тежок удар на амбициите на актуелниот европски шампион.
„Фуријата“ со перфектно прво полувреме
Натпреварот започна со неочекувана доминација на Шпанците. По израмнетите 13 минути (8:7 за Франција), Шпанија направи серија од 7:1 предводена од младиот Иан Баруфет. Нападот на Франција изгледаше непрепознатливо, заглавен во густата шпански одбрана, додека Шпанија на пауза замина со огромни 20:14.
Сергеј Хернандез – „Ѕидот“ кога беше најпотребно
Франција покажа знаци на живот во второто полувреме. Со влегувањето на Реми Дебоне на голот, „триколорите“ направија серија од 4:0 и во 46. минута стигнаа на само еден гол негатива (26:25). Сепак, тогаш на сцена стапи Сергеј Хернандез.
Шпанскиот голман со 14 одбрани (33%) ги сопре клучните удари на француските ѕвезди во „кризните“ моменти. Со смирена игра „7 на 6“ и перфектна реализација на Баруфет (10 гола од 11 обиди), Шпанија повторно се одлепи и рутински го приведе мечот до крај.
Математика за Франција: Мора да падне Германија!
Овој пораз ја става Франција во многу тешка ситуација. Со четири бода на контото, тие сега не зависат само од себе. За да останат во игра за полуфиналето, „триколорите“ во последното коло мора да ја победат Германија, но и да се надеваат на други резултати кои ќе им одат во прилог.
„Многу сум горд на мојот тим. Тешко е по три порази да дојдеш и да одиграш ваков меч. Денес МВП е целиот тим, бевме како еден“, изјави пресреќниот шпански селектор Јорди Рибера.
Од друга страна, Гијом Жил не го криеше разочарувањето:
„Чувствуваме фрустрација. Ги предупредив играчите дека Шпанија нема што да изгуби и дека ќе експериментираат тактички. Како стручен штаб не успеавме да ги задржиме играчите будни, а тие поединечно не беа подготвени за оваа битка“.



