10.8 C
Skopje

Србија има нов принц: Наследникот на кралот Јокиќ пристигна во НБА!

Објавено:

Секоја година кога српски талент ќе биде избран на НБА-драфтот, неизбежно се поставува прашањето: може ли ова да биде „новиот Никола Јокиќ“? Оваа година, сите погледи се насочени кон Богољуб Марковиќ, 20-годишниот крилен центар кој беше избран како 47. пик од Милвоки Бакс. Сличностите во нивниот пат се повеќе од очигледни, а американските медиуми се веќе поделени во своите оценки – од еуфорија до претпазливост.

Извор: https://www.facebook.com/milwaukeebucks

Конекцијата „Мега Баскет“ и потценетиот драфт

Првата и најважна спојка е клубот-расадник за таленти – Мега Баскет. Токму таму и Јокиќ и Марковиќ го развија својот препознатлив стил. Втората сличност е нивната драфт-приказна. Јокиќ беше избран како 41. пик за време на реклама за тако, додека Марковиќ е избран како 47. пик – и двајцата далеку од радарот, со можност да се развиваат без притисок.

Високи играчи со визија на плејмејкер

Најголемите сличности се во стилот на игра. Како и Јокиќ, Марковиќ е висок играч (211 см) кој не е класичен центар. Тој има одлично чувство за игра, флуиден е и има визија на плејмејкер, со подготвеност да го пронајде слободниот соиграч. Со солиден шут за три поени (38%), тој претставува опасност од сите позиции.

Што велат американските медиуми?

Реакциите по драфтот се движат од воодушевување до скепса. Yahoo му даде чиста оценка А+, нарекувајќи го „кражба на драфтот“ и истакнувајќи го неговиот висок потенцијал како крило кое може да шутира, асистира и поентира од пост. Од друга страна, CBS Sports му даде оценка B-, сметајќи дека е пред сè развоен проект кој допрва треба да се докажува.

Медиумот For The Win (оценка А) го истакна значајниот податок дека Марковиќ ја освоил наградата за Најдобар млад играч во АБА лигата, признание кое претходно му припадна токму на Никола Јокиќ. Оваа награда дополнително ја зацврстува споредбата помеѓу двајцата.

Предизвици, проекции и иднина

Речиси сите аналитичари се согласуваат дека Марковиќ најверојатно ќе биде „draft-and-stash“ кандидат, што значи дека ќе остане уште најмалку една сезона во Европа за да се развива. Најголемиот предизвик за него ќе биде да ја зголеми својата телесна тежина од само 86 килограми за да може физички да се носи со НБА-ѕвездите. Поради ова, аналитичарите го споредуваат со играчи како Лаури Марканен, но и со Алексеј Покушевски, кој имаше сличен проблем.

Дали Марковиќ ќе успее да го повтори успехот на Јокиќ е прашање на време, но едно е сигурно: комбинацијата на висина, кошаркарска интелигенција и потеклото од „фабриката“ Мега Баскет му даваат уникатна шанса да биде следниот голем српски бисер во НБА.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено