Европската куќа на фудбалот (УЕФА) покажа дека нема милост кога се работи за редот и дисциплината на стадионите. Во последниот бран на санкции објавени во средата, најлошо помина германскиот гигант Баерн Минхен, кој се соочува со сериозен удар и по џебот, но и по поддршката од трибините.
Казна за Баерн: Празни сектори против Унион Сент-Жилоаз
Дисциплинската комисија на УЕФА пресуди дека Баерн мора да плати вкупна казна од 116.000 евра. Причината за ваквата драстична мерка се инцидентите на натпреварот против Спортинг одигран претходно овој месец, каде навивачите користеа пиротехника и ги блокирале јавните премини на стадионот.
Поради ова, активирана е претходно суспендираната казна, што значи дека на следниот домашен меч во Лигата на шампионите против Унион Сент-Жилоаз на 21 јануари, секторите од 111 до 114 на „Алијанц Арената“ ќе останат празни. Како дополнителна закана, Баерн доби условна казна за целосно затворање на Јужната трибина доколку прекршоците се повторат во следните две години.
Веќе ви пишувавме за една интересна теорија според која токму ова била целта на навивачите, па дали тие се задоволни со оваа казна, останува да видиме.
Германскиот клуб дополнително е казнет и за однесувањето на навивачите на гостувањето кај Арсенал, каде поради фрлање предмети и недолични транспаренти ќе мора да доплати уште 70.000 евра.
Ајнтрахт Франкфурт без навивачи во Азербејџан
Не помина многу подобро ниту Ајнтрахт Франкфурт. По хаосот што го предизвикаа нивните навивачи на „Камп Ноу“ против Барселона, каде палеа факели и кршеа инвентар, УЕФА им забрани продажба на влезници за следното гостување кај Карабах.
Освен паричната казна од 38.000 евра, германскиот клуб има рок од 30 дена да ја контактира Барселона и да ја подмири штетата направена во тоалетите на гостинскиот сектор.
Казни и за останатите
УЕФА „подели“ сметки и на други адреси:
- Спортинг Лисабон: Казна од 40.000 евра и забрана за влезници за гостински навивачи.
- Макаби Тел Авив: Казна од 20.000 евра поради расистичко и дискриминаторско однесување на навивачите против Штутгарт.
- Лик: Казна од 10.000 евра поради пиротехника на дуелот со Јанг Бојс.



