Формула Е и ФИА конечно го тргнаа превезот од иднината. Официјално е претставен Gen4 болидот, машината која ќе го дефинира електричното тркање од 2026 до 2030 година и која ветува перформанси какви што досега не сме виделе во ова натпреварување.
Ова не е само еволуција, туку револуција. Новиот болид е поширок, подолг, потежок, но пред сè, драстично помоќен.
Бројките што влеваат страв
Споредбата со актуелниот Gen3 модел покажува зошто инженерите го нарекуваат овој болид „game changer“:
- Моќност: Максималната сила скока од 350kW на неверојатни 600kW.
- Погон: За првпат, болидите ќе имаат постојан погон на четири тркала (AWD). Досега, ова се користеше само во специфични моменти, но кај Gen4 тоа е стандард.
- Регенерација: Енергетската рекуперација се зголемува од 600kW на 700kW.
Џејмс Роситер, тест-возачот кој веќе поминал 8.000 километри со прототипот, го опишува искуството со „сјај во очите“, велејќи дека брзината е едноставно застрашувачка.
Мамка за Ф1 возачите?
Извршниот директор на Формула Е, Џеф Додс, верува дека Gen4 ќе биде пресвртница која ќе привлече имиња од самиот врв на мотоспортот, па дури и оние кои се на работ на Ф1 кариерата (како Џек Дуан или Жу Гванју).
„Почнуваме да раскажуваме поинаква приказна – приказна за речиси двојно поголема моќност, значително побрзи времиња по круг и 800 коњски сили. Мислам дека возачите кои претходно ја отпишуваа Формула Е, сега ќе речат: ’Всушност, сакам дел од ова‘“ – изјави Додс.
Предизвикот: Дали е преголем за улиците?
Сепак, зголемените димензии (болидот е 520мм подолг и речиси 10цм поширок од Gen3 Evo) носат нови главоболки. Календарот на Формула Е е познат по тесните улични патеки како Лондон ExCeL или Токио.
Мич Еванс од Јагуар изрази загриженост: „Дефинитивно има патеки каде што ќе бидеме на самиот лимит со Gen4. Не би сакал да ги изгубиме уличните трки, бидејќи тоа е ДНК-та на категоријата“.
Првиот вистински тест за производителите (Порше, Нисан, Јагуар, Стелантис и Лола) е закажан за следната недела во Шпанија, каде „ѕверот“ конечно ќе биде пуштен од ланец.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



