Светското првенство во снукер: Продолжува „Клетвата на Крусибл театарот“, светот ќе има нов шампион!

 

Објавено:

Гостинска статија на Димитрие Маневски

Вљубениците во снукерот со сигурност слушнале за „Клетвата на Крусибл театарот“, која се однесува на фактот што од преселбата на светското првенство во овој театар, ниту еден светски шампион не успеал да ја одбрани својата прва освоена титула.

Истата судбина ја имаше и актуелниот светски шампион Жао Џинтонг кој во ¼ финалето налета на неверојатно расположениот Шон Марфи кој со 13-10 успеа да обезбеди пласман во ½ финалето. Џинтонг го отвори мечот фуриозно и поведе со 3-0, но тоа не го обесхрабри Марфи кој во текот на целиот турнир демонстрира одлична игра која ја прикажа во продолжение и со серија од 5-0 ја презема резултатската иницијатива и од тој момент понатаму не дозволи да биде доведено во прашање неговото водство.

Противник на Марфи во ½ финалето ќе биде ветеранот Џон Хигинс кој продолжува да демонстрира дека годините се само бројка која не значи ништо кога се поседува светска класа. По епската победа над Рони Осаливен во претходното коло, Хигинс се сретна со Нил Робертсон во ¼ финалето и успеа да излезе како победник со идентичен резултат како и Марфи, односно 13-10. Овој меч беше исклучително долг и беше исполнет со тактички размени на удари и пресврти, објективно и двајцата играчи имаа свои шанси за да стигнат до победата, но Хигинс беше по умешен во т.н. „ситни фрејмови“, односно партии во кои ниту еден играч не успева да поврзе поголема серија на поени. Ова особено дојде до израз во 22рата партија во која Хигинс успеа да погоди жолта топка која беше исклучително тешка и која професионалните играчи би ја уфрлиле во 1 од 5 обиди. Со овој прекрасен удар Џон поведе со 12-10 и во следниот фрејм успеа да ја осигура победата.

На другата страна од ждребот Марк Ален продолжи да демонстрира одлична игра, особено во клучните моменти и со триумф од 13-11 против Бери Хокинс успеа да обезбеди полу финале. Во овој меч по којзнае кој пат можевме да посведочиме дека снукерот е сурова игра која може да ве награди но веќе во следниот удар да ве казни. Имено во 23тиот фрејм, при резултат 12-11, Марк Ален одигра одличен „сејф“ и успеа да ја сокрие последната црвена топка за Хокинс. Бери се обиде да ја погоди црвената топка за да избегне да направи фаул и притоа не само што ја погоди топката туку успеа и да ја внесе во најблиската дупка и со тоа од никаде да дојде до можност да ја превземе иницијативата во фрејмот. Тој се обиде да одигра „сејф“ но притоа направи фаул заради милиметарска грешка во проценката. Оваа грешка на Хокинс веднаш ја искористи Ален кој обезбеди пласман во ½ финалето на светското првенство по 3 пат во својата кариера.

Последниот учесник во ½ финалето дојде од дуелот помеѓу Ву Јизе од НР Кина и Хосеин Вафаеи од Иран. Во овој меч беше очигледно дека Вафаеи по триумфот над Џад Трамп во претходното коло, беше емоционално исцрпен и не успеа да ја демонстрира играта која го донесе во ¼ финалето на светското првенство. Јизе рано го превзема водството со 4-2, а по кратката серија на Вафаеи кој покажа „знаци на живот“ Јизе силно возврати и го контролираше резултатот при водство од 9-5. Од тој момент Јизе продолжи да игра енергично и агресивно, а Вафаеи немаше сили за „кам бек“ и конечниот резултат од 13-8 значеше и прв пласман на младиот кинески претставник во ½ финалето на овогодинешното светско првенство.

Следната фаза од светското првенство носи значајна промена. Имено од досегашниот изглед на арената во која мечевите се одвиваат паралелно на две снукер маси, сцената сега ќе биде видоизменета и на неа ќе има само една маса. Исто така важна разлика е и бројот на фрејмови потребни за победа. Ако во првото коло се играше прв до 10, во второто коло и ¼ финалето прв до 13, во ½ финалето мечевите ќе се играат прв до 17. Колку е голема оваа промена сведочи фактот што мечевите од ½ финалето може да траат дури 3 дена доколку фрејмовите станат тактички и дефанзивни, а резултатот остане израмнет. Како некој кој долго време игра билијард и снукер, притоа несомнено и недвосмислено играњето го сметам за чиста форма на задоволство во која уживам низ последните 25 години, овој формат и потребните победи за да се стигне до титулата светски првак објективно го категоризираат светското првенство во снукер меѓу спортовите на издржливост. Но кога играчот се наоѓа на едно од двете столчиња на легендарната сцена во „Крусибал“ театарот, кога пред себе има перфектно чиста и блескава маса, а мислите се фокусирани на желбата да се стане светски првак, уморот не постои. Во наредните 5 дена следува финалната разврска на најважниот турнир во спортот кој го сакаме, на крајот од кој името на едниот од четирите преостанати играчи ќе биде запишано на посаментот од легендарниот трофеј кој пред токму еден век, во 1926 година бил купен од човекот кој судбински во наредната 1927 година ќе стане и првиот светски шампион во снукер – Џо Дејвис.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено