Пеп Гвардиола го напушти Манчестер Сити по цела една деценија мината на кормилото на граѓаните, оставајќи зад себе фудбалско наследство кое оди далеку над 20-те освоени трофеи во сините витрини на „Етихад“ стадионот. Кога шпанскиот стратег пристигна во Англија во 2016 година, тој веќе важеше за најголем тактички иноватор во светот, но никој не можеше со сигурност да го предвиди неговото енормно влијание врз самата игра, што денес најдобро се отсликува преку успесите на неговите ученици.
Неговиот поранешен помошник Микел Артета штотуку ја освои Премиер лигата со Арсенал, Енцо Мареска помина успешен 18-месечен период со два големи трофеи во Челси, новиот предводник на „Сините“ Чаби Алонсо учеше од него во Баерн, додека неговиот поранешен капитен Винсент Компани освои две последователни титули во Бундеслигата со германскиот гигант. Во 2016 година, фудбалот заснован на постојан посед на топка беше само стил само за оредени тимови, а денес речиси сите клубови ширум Премиер лигата се обидуваат да го копираат тој стил.
1. Имплементација на игра со доминантен посед на топка
Во раните 2010-ти години, неколку менаџери во Англија веќе се обидуваа да ја копираат препознатливата игра на Барселона од ерата на Гвардиола. Сепак, вистинскиот тактички пресврт се случи по неговото пристигнување на Островот, што јасно го потврдуваат и официјалните бројки. Анализата на „Опта“ за успешни додавања по натпревар од сезоната 2008/09 покажува дека сите освен еден од топ 26-те најдобри перформанси во историјата на лигата се остварени откако започна мандатот на Пеп во Манчестер Сити.
Неговата идеја за кратко и брзо додавање во однапред кореографирани триаголни шеми е директен развој на моделот на Јохан Кројф, но Гвардиола со својата позициона тактика ги однесе работите многу подалеку. Сити експресно научи да доминира со топката, да го контролира просторот и да ја покори лигата, принудувајќи ги сите останати да го следат тој тренд.

2. Промовирање на голман кој е супериорен со топката во нозе
Една од првите и најхрабри одлуки на Гвардиола по доаѓањето во Манчестер беше елиминирањето на англискиот репрезентативец Џо Харт и негова замена со Клаудио Браво, кој иако брзо му отстапи место на Едерсон, го трасираше патот кон новата ера. Гвардиола беше првиот менаџер во Англија кој навистина инвестираше во голман кој игра со нозе, ставајќи ја дистрибуцијата и пасовите на чуварот на мрежата пред неговите класични рефлекси за одбрана на удари.
Овој менталитет денес е сосема вообичаен и прифатен без прашања, но пред доаѓањето на шпанскиот менаџер, титулите во Премиер лигата ги освојуваа традиционални голмани како Џо Харт, Давид де Хеа или Каспер Шмејхел. Во модерниот фудбал, секој голман едноставно мора да биде одличен техничар со топката во своите нозе.

3. Револуција со концептот на инвертирани бекови
Ниту една друга позиција на теренот не претрпе толку иновации како бековската, каде Гвардиола славно го измисли концептот на инвертиран бек кој влегува длабоко во централниот дел од средниот ред уште за време на неговиот престој во Баерн Минхен. Оваа идеја ја пренесе во Сити, каде Олександр Зинченко и Фабијан Делф беа клучните фигури кои помагаа да се контролира средниот ред во шампионските сезони.
Но, вистинскиот гениј на Пеп се покажа кога тој целосно го напушти овој концепт во моментот кога сите останати менаџери почнаа масовно да го копираат. За време на историската сезона 2022/23 во која ја освои триплетата, тој на теренот постави четири класични централни дефанзивци по целата задна линија, додека Кајл Вокер се повлекуваше подлабоко во задна тројка како дел од специфичниот 3-2-5 систем. Неодамна, играчи како младата надеж Нико О’Рејли добиваа задачи од бековската позиција да дејствуваат речиси како класични „осмици“, влегувајќи во внатрешноста за да го нападнат противничкиот шеснаесеттник.

4. Рушење на традицијата со две „слободни осмици“
Во првите неколку години од неговиот мандат, вклучувајќи ја и незаборавната сезона со освоени 100 бода, формацијата 4-3-3 на Гвардиола беше потпрена на двајца ситни, исклучително подвижни фудбалери со број осум, кои функционираат како офанзивни креатори на играта од двете страни на еден моќен дефанзивен играч за врска.
Давид Силва, Бернардо Силва и Илкај Гундоган воопшто не одговараа на традиционалното британско сфаќање за силен и робусен играч од средниот ред. На почетокот на Островот владееше огромен скептицизам дека двајца такви лесноноги плејмејкери можат да преживеат заедно во физички напорната Премиер лига, но тие сомнежи брзо беа отфрлени бидејќи Пеп постојано наоѓаше нови тактички решенија за да му обезбеди поддршка на сидрото во средниот ред, без разлика дали таму играше Фернандињо или Родри.
5. Раѓањето на моќниот „бокс“ среден ред
По ерата на двете слободни осмици во класичниот 4-3-3 систем, вториот дефинирачки тактички период на Гвардиола во Манчестер Сити, кој започна некаде од 2021 година па наваму, беше карактеризиран со воведувањето на формацијата 3-2-5 или попозната како „3-бокс-3“. Карактеристично за овој систем е што средниот ред формира форма на коцка (бокс), составен од двајца подлабоки и двајца повисоко поставени играчи за врска.
Најголемиот и најочекуван придонес на Гвардиола во оваа тактичка еволуција беше шокантното преместување на централниот дефанзивец Џон Стоунс, кој доби инструкции од стоперската позиција да се приклучува напред во централниот дел на средниот ред. Оваа ненадејна тактичка промена се случи во клучниот дел од сезоната 2022/23, иницирајќи го силниот налет на Сити со кој беше престигнат Арсенал на патот кон историската триплета.

6. Освојување на Премиер лигата без класичен напаѓач
Гвардиола прв ја патентираше и ја претстави улогата на „лажна деветка“ во светскиот фудбал кога славно го премести Лионел Меси во срцето на нападот на Барселона, но во првите години на „Етихад“ тој се потпираше на класичните голгетерски способности на Серхио Агуеро.
Меѓутоа, вистинскиот пресврт се случи за време на шампионските сезони 2020/21 и 2021/22, кога шпанскиот стратег успеа да ја покори Премиер лигата без воопшто да користи класичен напаѓач во својот состав. Тој тогаш ги искористи креативните квалитети на Кевин Де Брујне, Фил Фоден и Илкај Гундоган, наизменично поставувајќи ги во улога на „лажни деветки“, тактички експеримент кој никогаш претходно не бил испробан или реализиран со таков успех во англиската елита.
7. Свесен преод кон директен фудбал и „анти-иновација“
Она што го прави Гвардиола уникатен е неговата подготвеност да ги отфрли сопствените иновации во моментот кога тие ќе станат стандард за останатите. Во последните неколку сезони, тој свесно се откажа од дел од своите тактички решенија бидејќи тие беа толку детално и верно копирани од противниците што веќе не му носеа предност на теренот. Со други зборови, Пеп мораше да се побуни против сопствената револуција за да остане чекор пред конкуренцијата.
Доаѓањето на Ерлинг Халанд и неговата брутална физичка сила е чиста антитеза на концептот на „лажна деветка“, што комплетно го промени обликот на нападот на Сити и начинот на кој се креираат големите шанси. Паралелно со тоа, на голот беше донесен Џанлуиџи Донарума – класичен голман со фокус на чисти одбрани, тип каков што Гвардиола експресно отфрли пред десет години. Неговата филозофија со крилните фудбалери исто така претрпе сериозна еволуција; по ерата на брзите Лерој Сане и Рахим Стерлинг кои пробиваа до аут-линијата, денес Џереми Доку и Антоан Семењо функционираат како специфичен хибрид кој директно го напаѓа противникот но зазема многу поцентрални простори на теренот.
Преку овој процес, Манчестер Сити свесно еволуираше во подиректен тим кој не инсистира слепо на бескраен посед на топката. Токму во тоа се крие неговиот најголем гениј и вечно наследство – неговата најголема иновација беше самата желба за перпетуално и постојано иновирање, оставајќи ја зад себе Премиер лигата многу покомплексна и попроменлива од кога било претходно.



