Македонската репрезентација до 17 години ја започнува финалната фаза од подготовките пред најголемиот предизвик сезонава – настапот во Елитната рунда за пласман на Европското првенство. Избраниците на селекторот Влатко Колев во периодот од 22 до 27 февруари ќе одиграат два контролни натпревари против врсниците од Грузија на гостински терен во Тбилиси.
Силни имиња од странство на списокот на Колев
Селекторот Колев се одлучи за комбиниран состав во кој доминираат играчи од домашниот шампионат, предводени од „Вардарци“, но повикани се и неколку интернационалци кои треба да го подигнат квалитетот на тимот. На списокот се најдоа фудбалери од Швајцарија, Австралија, Данска, Словенија и Србија.
Повикани фудбалери:
- Голмани: Суљовиќ (Скопје), Денковски (Македонија Ѓ.П.), Цека (Шкендија).
- Одбрана: Михајловски (Сервет), Вртковски (Макартур Булс), Ф. Цветковски (Вардар), Стојчевски (Вардар), Лиотоски (Работнички).
- Среден ред: Иљазовски (Б93), Аломеровиќ (Слован Љубљана), Буши (Работнички), Јазагиќ (Македонија Ѓ.П.), Мирчевски (Охрид), Георгиев (Вардар), Кнежевиќ (Македонија Ѓ.П.), Рибарски (Вардар).
- Напад: Петровски (Црвена Звезда), А. Цветковски (Вардар), Папалиски (Скопје), Миронски (Македонија Ѓ.П.).
Подготовки за „групата на смртта“
Овие два натпревари во Грузија се клучни за разигрување на тимот пред квалификацискиот турнир во март. Македонија се наоѓа во исклучително тешка група за Елитната рунда, каде за место на Европското првенство ќе се бори против фудбалските велесили Германија и Франција, како и секогаш незгодната Словенија.
Само првопласираната екипа од групата ќе обезбеди билет за завршницата на континенталниот шампионат, кој ќе се одржи во Естонија од 25 мај до 7 јуни.



