Најновото Светско првенство уште еднаш ни покажува дека фудбалот одамна не се игра само на зелениот терен, туку и на дигиталното боиште. Репрезентацијата на Португалија се соочува со неочекуван проблем кој нема никаква врска со тактиката, туку со токсичната природа на социјалните мрежи. Една сосема обична изјава на Жоао Невеш по разочарувачкото реми (1-1) против ДР Конго се претвори во вистинска интернет-дистопија која ги вовлече дури и семејствата на фудбалерите.
Што всушност се случи? Запрашан за тоа како тимот се справува со фактот дека ова е последен Мундијал за Кристијано Роналдо покрај толку многу други ѕвезди во составот, Невеш одговори:
„Знаеме што направи Кристијано за нас и за фудбалот. Но, во овој момент чувствувам дека за него, и за сите нас, тој е само уште еден од нас, момче кое се обидува да помогне. Тој не се разликува од нас и ќе придонесе како и сите ние“.
Армијата на Роналдо во офанзива
Во нормални околности, ова е класичен одговор кој потенцира тимски дух. Но, на социјалните мрежи нема место за контекст и нијанси. Дел од интервјуто беше исечен, спинуван и презентиран како Невеш да го нарекол Роналдо „обичен играч“. Тоа беше црвено знаме за радикалните фанови на Кристијано кои тргнаа во напад.
Инстаграм профилот на младиот Невеш беше експресно преплавен со навреди, а мета станаа и неговите соиграчи Бруно Фернандеш и Витиња. Пораката на агресивните навивачи беше јасна: „Покажете почит и додавајте му ја топката на Роналдо!“.
Војна на партнерките: Лажен цитат ја измами Георгина
Работите излегоа целосно од контрола кога во виртуелната пресметка беа вовлечени и партнерките на играчите. Португалската актерка Мадалена Арагао, која е девојка на Невеш, објави најобична нивна заедничка фотографија која веднаш стана цел на истите брутални напади, по што таа мораше да ги ограничи коментарите.
Но, фабриката за лажни вести на интернетот отиде чекор подалеку – беше креиран лажен цитат во кој наводно Арагао им порачува на фановите: „Кажете му на вашиот ГОАТ да се пензионира“.
Најлошо од сè? Овој лажен цитат стигна до Георгина Родригез. Партнерката на Роналдо поверува во измислицата и на својот профил сподели скриншот со револтиран коментар: „Уау! Погледнете како се воспитани идните генерации!“. Откако брзо сфати дека е измамена, Георгина експресно ја избриша објавата, но во дигиталниот свет штетата веќе беше направена.
Дистописка реалност за Португалија
Целата оваа ситуација е совршен приказ на модерната дистопија во фудбалот. Португалскиот камп и нивните ПР служби сега ќе се обидуваат да докажат дека овие работи не влијаат врз хемијата на тимот, но реалноста е дека играчите се вовлечени во апсурдна драма која ни најмалку не им е потребна на Светско првенство.
Најголемиот апсурд е што ниту Невеш имаше лоша намера, ниту пак самиот Роналдо е виновен за нешто во оваа ситуација. Сепак, двајцата сега се во центарот на бурата изрежирана од лажни профили и токсични фанови. Ова е суровата реалност на Мундијалот во 2026 година, каде лажните вести и социјалните мрежи удираат многу посилно од противничките дефанзивци.



