Машката кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва во салата „Градски парк“ или по ново „Лазар Лечиќ“ го започнува вториот ФИБА „прозорец“ од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Противник е селекцијата на Луксембург, репрезентација против која нашите најдобри кошаркари низ историјата имаат совршен учинок.
Историјата вели: Луксембург ни е редовен пациент
Досега Македонија и Луксембург се сретнале четири пати во официјални квалификациски натпревари и сите четири дуели завршиле со убедливи триумфи на „црвено-жолтите“.
Првите две победи беа извојувани во 2005 година во рамките на Дивизијата „Б“, кога со доминантни 94:69 на гости и 105:66 дома, Македонија го поплочи патот кон елитната „А“ дивизија.
Војдан Стојановски – последната врска со минатите победи
Последните пресметки со Луксембург се случија во 2017 година. Тогаш, во Кавадарци славевме со 89:75, а главен херој беше актуелниот капитен Војдан Стојановски, кој одигра маестрален натпревар и постигна 28 поени. Интересно е што и во овој „прозорец“, покрај Војдан, во тимот сè уште се и Андреј Магдевски и Стојан Ѓуроски, кои беа дел од тие успеси пред девет години.
Биланс на меѓусебни дуели:
- Победи за Македонија: 4
- Победи за Луксембург: 0
Вечерва во „Градски парк“ по нова победа
Избраниците на селекторот Александар Јончевски се апсолутни фаворити и вечерва. Целта е јасна – нова победа со која ќе се зацврстиме на патот кон завршницата од квалификациите за континенталниот собир, а поддршката од трибините ќе биде клучна за продолжување на оваа перфектна низа против Луксембург.



