Трајковски во „режим Палермо“: Ова е еден од најважните мечеви, верувам во мундијалско чудо!

 

Објавено:

Македонската фудбалска репрезентација вчера го одработи вториот тренинг во комплексот „Петар Милошевски“, а атмосферата пред патувањето за Копенхаген ја загреа човекот кој знае како се рушат фаворити – Александар Трајковски. Напаѓачот кој на денешен ден пред точно четири години ја „замолкна“ Италија, верува дека овој тим на Македонија има сила за уште еден историски подвиг.

Нова енергија со Седлоски

Трајковски, кој вчера му се приклучи на тимот, веднаш ја почувствувал промената во таборот по доаѓањето на новиот селектор Гоце Седлоски. Според него, новата визија е токму тоа што му е потребно на тимот пред пресметката со моќната Данска.

„Со нов селектор доаѓа нова енергија и нова визија. Вчера се приклучив и видов одлична атмосфера и навистина квалитетен тренинг. Ако продолжиме во овој ритам, ќе бидеме максимално подготвени за она што нè очекува во Копенхаген“, истакна Трајковски.

„Данска е фаворит само на хартија“

Иако јавноста и обложувалниците им даваат поголеми шанси на Данците, Трајковски потсетува дека Македонија веќе одамна престана да биде аутсајдер кој се плаши од големите имиња.

„Данска можеби е фаворит на хартија, но ние сме покажале дека можеме да играме против секого. Изјавите од нивна страна можат само дополнително да нè мотивираат. Ова е фудбал, се игра еден натпревар и сè е можно. Ќе ги анализираме нивните слабости и ќе се обидеме да ги казниме“, дециден е македонскиот напаѓач.

Повторување на историјата од Палермо?

За Трајковски, овој бараж не е само уште еден натпревар во низата, туку една од најважните точки во неговата богата репрезентативна кариера. Желбата за победа и нов пласман во финале за Светско првенство е огромна.

„Искрено, ова е еден од најважните натпревари во мојата кариера. Нема поубаво чувство од тоа да се бориш за пласман на Мундијал. Се надевам дека ќе успееме да го повториме успехот од Палермо“, порача стрелецот на историскиот гол против „азурите“.

Македонија продолжува со подготовките во Скопје пред заминувањето за Данска, каде на 26 март на стадионот „Паркен“ ќе се бара патот кон големото финале за пласман на СП 2026.

За загревање на атмосферата, прочитајте ја нашата минатогодишна статија за искуството од историскиот меч во Палермо:


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено