Фудбалска Италија вечерва сведочеше на еден од највозбудливите натпревари оваа сезона. Во директната пресметка за позициите кои водат во Лигата на шампионите, Рома и Јувентус одиграа неверојатни 3:3, во меч полн со пресврти, велемајсторски голови и драма која траеше до последната секунда.
Рома имаше сè, Гати го спаси Јувентус во 93-та минута
Натпреварот започна со висок интензитет, а „волчицата“ прва зададе удар. Младиот Николо Писили одигра клучна улога во средината, проигрувајќи го Весли, кој со филигрански прецизен удар од работ на шеснаесеттникот ја погоди самата агол од голот на Перин за 1:0.
Јувентус одговори експресно по паузата. Франциско Консеисао со спектакуларен левоног полуволеј израмни на 1:1, но тоа само ги разлути домаќините. Еван Ндика со волеј од непосредна близина по корнер повторно донесе предност за Рома, а кога Дониел Мален со мајсторски лоб го префрли Перин за 3:1, се чинеше дека бодовите остануваат во престолнината.
Сепак, „Старата дама“ одби да се предаде. Жереми Бога намали на 3:2 по одлична акција, внесувајќи нервоза кај домашните навивачи. Драмата го достигна врвот во 93-та минута кога по еден слободен удар и мешаница во казнениот простор, топката среќно се одби до дефанзивецот Федерико Гати, кој од непосредна близина ја заби во мрежата за конечни 3:3 и голем бод за торинскиот гигант.
Милан во финишот го скрши отпорот на Кремонезе
„Росонерите“ поминаа низ вистински маки на гостувањето кај Кремонезе, но на крајот славеа со 2:0. Херој на денот беше дефанзивецот Страхиња Павловиќ, кој во 89-та минута на необичен начин ја смести топката во мрежата по нафрлањето на Модриќ. Во последната минута од судиското продолжение, Рафаел Леао ја потврдi победата по брза контра, поправајќи се за неколкуте големи промашувања претходно на мечот.
Сасуоло со играч помалку ја „приземји“ Аталанта
Најголемото изненадување го приреди Сасуоло, кој со 2:1 ја совлада Аталанта, иако играше со десетмина уште од 16-та минута по исклучувањето на Пинамонти. Исмаел Коне и Кристијан Торствед ги постигнаа головите за домашните, а Муса успеа само да го ублажи поразот на гостите од Бергамо во финишот. Голманот Аријанет Муриќ беше несовладлив во судиското продолжение, запирајќи ги обидите на Аталанта за израмнување.
Успешно деби за Д’Аверса: Торино го „преслуша“ Лацио
Новата ера во Торино започна на најдобар можен начин. Роберто Д’Аверса во својот прв меч на клупата на „биковите“ запиша победа од 2:0 против Лацио на Маурицио Сари. Напаѓачкиот тандем Џовани Симеоне и Дуван Запата функционираше беспрекорно, а токму тие двајца беа стрелци на головите кои донесоа три важни бодови за домашниот тим.



