Ако мислевте дека боб-санкањето е резервирано само за нациите кои живеат на снег, тимот на Тринидад и Тобаго е тука да ве демантира. Карипската нација стана новата миленичка на публиката во Кортина, завршувајќи ја својата „Операција: Не биди последен“ со голем успех.
„Мисијата е исполнета“
Пилотот Аксел Браун и неговиот партнер Де Андре Џон завршија на 25-то место од вкупно 26 екипи во двосед, оставајќи го зад себе тимот на Израел. Иако за големите сили ова е само бројка, за тим кој функционира без државно финансирање и доаѓа од остров каде снегот е непознат поим, ова е рамно на златен медал.
„Ова е апсолутно исполнета мисија. Јас и Дре направивме нешто посебно. За мал Тринидад и Тобаго да победи друга нација која е на врвот на својата игра, тоа се чувствува како победа – тоа Е победа“, изјави Браун за ББС.
Од „група отпадници“ до олимписки херои
Аксел Браун, кој порано се натпреваруваше за Велика Британија пред да го преземе кормилото на нацијата на неговата мајка, успеа да го врати Тринидад и Тобаго на олимписката мапа. По пауза од 20 години, тој ги однесе во Пекинг 2022, а сега во Италија за првпат во историјата успеаја да се квалификуваат и во двосед и во четворосед.
Браун, поранешен играч на американски фудбал, признава дека нивниот тренер Ли Џонстон успеал да направи компактен тим од „група на отпадници“ кои имаат само една цел – да го покажат карипскиот дух на ледените патеки.
Германска доминација на подиумот
Додека Тринидад ја славеше својата победа над аутсајдерскиот статус, на подиумот владееше „германска челична дисциплина“. Германија ги собра сите три медали: Јоханес Лохнер го освои златото, легендарниот Франческо Фридрих среброто, додека Адам Амур се закити со бронза.
Но, ако ги прашате навивачите во Кортина кој е најхаризматичниот тим на патеката, одговорот е само еден. Следната станица за момците од Карибите е трката во четворосед подоцна неделава, каде ветија уште поголема борба и, секако, многу забава.



