Ерата на Стевче Алушовски на клупата на Еурофарм Пелистер започна со рутинска и висока победа. Во рамките на 19. коло од Суперлигата, актуелниот шампион славеше во „братското дерби“ против Еурофарм Пелистер 2 со убедливи 39-24, најавувајќи дека тимот е подготвен за предизвиците кои ги носи пролетниот дел од сезоната.

Фаворитот не дозволи изненадување
Уште од првиот свиреж, избраниците на Алушовски ставија до знаење дека бодовите се резервирани за првиот тим. Иако младите ракометар на „двојката“ пружија отпор во воведните минути и успеаја да израмнат на 4-4 преку Митревски и Марковски, тоа беше сè што видовме од нивна страна.
Поискусниот состав брзо ја презеде контролата, па со серија голови на Тајник и Радивојевиќ, уште на полувремето создаде солидна залиха од седум гола разлика (18-11).

Доминација во вториот дел и деби за паметење
Второто полувреме помина во целосна доминација на шампионот. Разликата брзо стана двоцифрена по головите на Атанасијевиќ и Кузмановски, а во финишот предноста само продолжи да расте до конечните „плус 15“.
Најрасположен за игра во победничкиот табор беше српското крило Богдан Радивојевиќ, кој го заврши мечот со девет гола, додека кај младите пелистерци се истакна Славчо Шулески со шест погодоци. Оваа победа е одлична увертира за Алушовски, кој со дебитантски триумф ги започна своите нови денови во Битола.



