Кога „Јане Сандански“ ќе зоврие, за противниците нема спас, дури и ако доаѓаат од најсилната лига во светот. Вардар уште еднаш докажа дека неговиот европски ген е неуништлив, совладувајќи го германскиот Мелсунген со 37-33, откако успеа да се врати од бездната и негативата од шест гола во првото полувреме.
Пеколот ги „голтна“ Германците
Мелсунген дојде во Скопје како фаворит и во првите 20 минути изгледаше дека ќе го оправда тој епитет, водејќи со високи 6-12. Но, тогаш на сцена стапи вардарскиот инает. Со фанатична одбрана и неверојатна поддршка од трибините, избраниците на Иван Чупиќ тргнаа во лов кој заврши со целосен дебакл за гостинот.
Малус и Воркапиќ како „казнена експедиција“
На теренот видовме две вистински ракометни „ѕверови“. Јака Малус ја одигра својата партија на кариерата постигнувајќи 10 гола, буквално пробивајќи ја германската одбрана каде ќе посакаше. Од десната страна, Вукашин Воркапиќ со 9 погодоци потврди дека е еден од најдобрите трансфери на клубот сезонава.
Сепак, победата немаше да биде можна без „министерот за одбрана“ на голот. Милош Валах со 14 интервенции беше несовладлив ѕид во клучните моменти, а успеа дури и да се запише во листата на стрелците, казнувајќи ја играта на Мелсунген без голман.
Сега на ред е Бенфика!
Со овој триумф, Вардар изби на делба на второто место со Бенфика, а токму португалскиот гигант е следниот што треба да го почувствува „пеколот“ во Скопје веќе наредниот вторник.



