Есенскиот дел од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) заврши со Вардар на врвот, но конкурентите не се откажуваат. Стратезите на Силекс и Шкендија, Александар Васоски и Јетон Беќири, направија пресек на сработеното, истакнувајќи дека бодовното салдо можело да биде и подобро.
Васоски: Играме допадлив фудбал, целта е Европа
Тимот од Кратово презимува на 4. позиција со 31 бод. Александар Васоски е генерално задоволен, но смета дека неискуството во клучни моменти ги чинело драгоцени бодови.
„Имаме исто бодови како лани кога бевме есенски прваци, но Вардар и Струга ТЛ освоија повеќе бодови оваа сезона… Жал ми е за мечот со АП Брера каде водевме со 1-3 и на крајот се задоволивме со бод, како и за домашниот пораз од Арсими во ненормални услови за игра“, анализира Васоски.
За Васоски, најдобри изданија биле убедливите победи против АП Брера (5-0) во првото коло и против Работнички (3-0) во последното. Амбициите за пролетта се јасни – излез во Европа, дали преку лигата или преку Купот.
„Силекс игра офанзивен фудбал, нашите мечеви никогаш не се здодевни“, додава тој, најавувајќи освежување на играчкиот кадар.
Беќири: Европа си го зема данокот
Од друга страна, актуелниот шампион Шкендија заврши како третопласирана, со шест бода помалку од лидерот. Тренерот Џетон Беќири признава дека историскиот успех во Европа (пласман во нокаут-фаза на Конференциската лига) влијаел врз настапите во домашното првенство.
„Очекував 3-4 бода повеќе. Концентрацијата на играчите кон настапите во Лигата на конференции имаше влијание… Имаше и 2-3 грешки на наша штета кои влијаеа на табелата“, вели Беќири.

Сепак, тој е оптимист за пролетниот дел, најавувајќи засилувања, но и можни заминувања поради големиот интерес за играчите на Шкендија по европските успеси.
„Има уште 17 меча да се играат и сè е отворено“, заклучува стратегот на тетовци.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



