Македонскиот ракометен гигант Вардар 1961 вечерва ја има „меч-топката“ која навивачите ја чекаа цели три години. Во СЦ „Јане Сандански“, со почеток во 19:00 часот, се игра најголемото домашно дерби против вечниот ривал Еурофарм Пелистер, натпревар кој за „црвено-црните“ значи официјално враќање на шампионската титула во Скопје.
Ситуацијата на табелата е кристално јасна: Вардар е лидер со 54 бодови и му е потребен само уште еден бод за математички да ја завери својата 16-та суперлигашка титула. Дури и пораз до два гола разлика би значел славје за домашните, со оглед на тоа што Вардар има предност од „плус три“ во меѓусебните дуели со Битолчани.
Уморот против емоцијата на „Комити“
Избраниците на Иван Чупиќ влегуваат во овој дуел по исцрпувачката битка со Монпелје во вторникот. Иако забележаа „пирова победа“ во Европа, вардарци се физички истрошени, но мотивот да се симне Пелистер од тронот пред преполна сала и со песната на „Комити“ е фактор кој ги прави фаворити.
Од друга страна, тимот на Еурофарм Пелистер доаѓа во Скопје со сопствени пресметки. Битолчани, предводени од младиот стратег Алексо Лембанов, се во грчевита борба за второто место кое гарантира излез во Европската лига. Покрај бодовите, кај Пелистерци сигурно ќе проработи и инатот, бидејќи тие минатата година славеа среде Скопје во директен дуел за титулата, па вечерва ќе се обидат максимално да го одложат шампионското славје на домаќинот.
Сепак, тие на социјалните мрежи порачаа: „Нека биде дерби и нека победи ракометот“.
Спектакл со огромен влог
„Вечното дерби“ никогаш не е само обичен натпревар, а овојпат влогот е највисокиот можен. Дали Вардар ќе стави шампионски печат на сезоната или Пелистер ќе најде начин да ја расипе забавата во „Јане Сандански“, дознаваме вечерва од 19:00 часот.
Сите во сала вечерва, да уживаме во уште еден македонски ракометен спектакл!



