Домаќинот Мексико на перфектен начин ја започна својата мундијалска приказна во Групата А, откако на преполниот стадион „Ацтека“ ја совлада селекцијата на Јужна Африка со 2-0. Отворањето на Светското првенство донесе сè што навивачите сонуваа – извонреден ритам, емоции на трибините по настапот на Шакира и Бурна Бој (кој македонската јавност за жал не можеше да го проследи поради технички проблеми…), но и невиден хаос на теренот кој резултираше со дури три црвени картони. За споредба, на претходниот Мундијал во Катар беа покажани вкупно четири исклучувања во текот на целиот турнир, а вечерва видовме три уште во првите 90 минути.
Брз шок за гостите и доминација на Чињонес
Мексиканците уште од првата минута тргнаа во офанзива за да го скршат притисокот пред домашната јавност. Наградата пристигна по само девет минути игра. Ерик Лира одлично одзеде една топка на средината од теренот, таа стигна до разиграниот Џулијан Чињонес, кој со прецизен и силен удар низ нозете на голманот Ронвен Вилијамс донесе водство од 1-0 и општо лудило на трибините.
Токму Чињонес беше прогласен за играч на натпреварот бидејќи постојано ја мачеше противничката одбрана. Пред самиот крај на првиот дел, тој имаше колосална шанса комплетно да го реши мечот, но неговиот удар од дванаесет метри заврши во десната статива.
Фестивал од црвени картони и прв мундијалски гол за Хименез
Работите за Јужна Африка тргнаа наопаку на самиот старт на второто полувреме. Во 50-та минута, Јаја Ситоле заработи директен црвен картон по соборувањето на Брајан Гутиерез, кој иташе сам во контранапад кон противничкиот гол.
Со играч повеќе на теренот, Мексико рутински ја контролираше играта, а победата беше запечатена во режија на искусниот ветеран. Роберто Алварадо испрати перфектен центаршут во шеснаесеттникот, а 35-годишниот Раул Хименез со моќен удар со глава ја заби топката во мрежата за 2-0, што воедно беше и негов прв погодок во кариерата на Светските првенства.
До крајот на средбата, нервозата кај гостите кулминираше кога резервистот Темба Зване заработи исклучување поради физички напад врз Алварадо, оставајќи ја Јужна Африка со девет фудбалери на теренот. Сепак, ниту Мексиканците не го завршија мечот комплетни; во судиското продолжение дефанзивецот Цезар Монтес заработи црвен картон по еден невнимателен и остар старт над Кулисо Мудау.
Историја за Жиљерто Мора: Веднаш зад Пеле
Покрај победата и картонскиот хаос, овој натпревар ќе остане запишан во историјата на светскиот фудбал поради еден неверојатен јубилеј. Младиот 17-годишен играч за врска на Мексико, Жиљерто Мора, кој е најмладиот фудбалер на овој шампионат, влезе во игра во второто полувреме и стана вториот најмлад играч во историјата кој некогаш настапил на Светско првенство. Единствениот кој бил помлад од него на мундијалски деби-настап е недостижниот бразилски крал Пеле, кој дебитираше во далечната 1958 година исто така на 17-годишна возраст.



