Селекторот на Велс, Крег Белами, реши да ја „запали“ атмосферата во пресрет на клучниот натпревар за баражот за СП 2026. Наместо вообичаените дипломатски изјави, Велшанецот испрати директна „отровна стрела“ кон нашата репрезентација, омаловажувајќи ја серијата без пораз на тимот на Милевски во групата.
На прашањето за Македонија, Белами прво беше коректен: „Северна Македонија, тоа е поинаков натпревар. Тие немаат пораз во оваа група“ изјави тој, пред да го каже она што навистина го мисли: „Искрено, чувствувам дека беа среќни што не изгубија на многу од натпреварите што ги гледав“.
Белами не застана тука, туку додаде дека на дуелите против Лихтенштајн и Македонија очекува неговиот тим „да има голем посед на топка“ и дека „убаво е да се тренираат напаѓачки акции“ , јасно алудирајќи дека очекува тотална дефанзива од наша страна.
Ремзи повторно отсутен, Белами ги демантира Селтик
Инаку, остатокот од прес-конференцијата помина во знакот на капитенот Арон Ремзи. Белами потврди дека ѕвездата повторно е изоставена, овојпат поради повреда, но и поради „срцепарателна“ приватна ситуација, откако семејството го изгубило своето куче.
„Има поважни работи од фудбалот“, изјави Белами, кој исто така ги отфрли шпекулациите дека ќе го преземе Селтик, велејќи дека е „целосно фокусиран“ на Велс.
Ваквите изјави за „среќата“ секогаш се најголем мотив. „Феномените“ на Благоја Милевски ќе имаат шанса да му докажат на Белами колку вредат на 18 ноември во Кардиф.



