Германската Бундеслига викендов понуди сè што еден љубител на фудбалот може да посака – спектакуларни голови, црвени картони, драми во судиското продолжение и убедливи победи. Еве што се случи на четирите најинтересни натпревари.
Леверкузен 2-0 Келн: Терие со потег на сезоната!
Баер Леверкузен се врати на победничките патеки во „Рајнското дерби“, но натпреварот ќе се памети по еден момент на магија. Резервистот Мартин Терие, само четири минути по влегувањето во игра (66. минута), постигна неверојатен гол со „скорпија“ удар по асистенција на Артур!.
Роберт Андрих го потврди триумфот со гол со глава во 72. минута (2-0). И покрај поразот, голманот на Келн, Марвин Швабе, беше прогласен за играч на натпреварот поради низата бравурозни одбрани.
Фрајбург 1-1 Дортмунд: Црвениот на Белингем ги кошташе „Милионерите“
Борусија Дортмунд имаше сè под контрола и водеше со голот на Рами Бенсебаини, но во 53. минута се случи пресвртницата. Џоб Белингем доби директен црвен картон откако го сруши Филип Трој во гол-шанса, по грешката на голманот Кобел.
Бројчаната предност Фрајбург ја искористи во 75. минута, кога Лукас Хелер со спектакуларен акробатски потег ги постави конечните 1-1.
Баерн Минхен 2-2 Мајнц: Кејн од пенал спречи сензација
Лидерот Баерн Минхен едвај извлече бод против „фенерџијата“ Мајнц на домашен терен. Баварците поведоа преку 17-годишниот талент Ленарт Карл, кој одигра маестрален меч.
Сепак, Мајнц шокираше и направи пресврт за 1-2 преку Потулски и Ли. Спасителот повторно беше Хари Кејн, кој во 87. минута реализираше пенал за конечни 2-2, задржувајќи ја непобедливоста на Баерн.
Вердер 0-4 Штутгарт: „Швабите“ го демолираа Бремен
Штутгарт одигра перфектен натпревар на гости кај Вердер. Џејми Левелинг беше архитектот на победата со еден спектакуларен гол од 32 метри и две асистенции.
Работите за домаќините тргнаа на лошо кога Карим Кулибали доби црвен картон во 59. минута. Стрелци за убедливите 0-4 беа уште Ел Ханус, Ундав и Фурих.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



