(Видео) Чекор до Вембли: Проектил на Черки и „лудило“ во судиското продолжение на „Сент Џејмс Парк“!

Објавено:

Англискиот Карабао куп ги доби своите полуфиналисти, а патот до Вембли вечерва беше поплочен со два дијаметрално спротивни натпревари. Додека Манчестер Сити во свој препознатлив стил го контролираше и го реши Брентфорд, бранителот на трофејот, Њукасл Јунајтед, мораше да помине низ вистински емотивен „ролеркостер“ за да го скрши отпорот на Фулам во последната секунда.

Сити го пронајдоа новиот миленик: Рајан Черки блесна на „Етихад“

Манчестер Сити конечно го прекина тригодишниот пост во ова натпреварување и се пласираше во своето прво полуфинале по 2021 година. Избраниците на Пеп Гвардиола го совладаа Брентфорд со 2-0, продолжувајќи ја својата беспрекорна серија во декември со шест победи на шест натпревари.

Извор: https://x.com/ManCity

Човекот за кој сите зборуваат вечерва е Рајан Черки. Поранешниот ас на Лион почнува сериозно да се наметнува како клучна фигура во синиот дрес, а неговиот денешен гол беше вистинско ремек-дело. По триесетина минути игра, Французинот ја прифати топката на работ на шеснаесеттникот, се намести на десната нога и испрати неодбранлив „проектил“ во горниот агол од мрежата. Тоа беше негов четврти погодок сезонава, потврда дека неговата адаптација е завршена.

Победата ја запечати Савињо во второто полувреме, чиј удар со мала помош на блокот заврши во мрежата. Единствената грижа за Гвардиола останува повредата на Оскар Боб, кој мораше предвреме да го напушти теренот, додавајќи се на веќе долгата листа на отсутни играчи како Родри, Стоунс и Доку. Сепак, Сити изгледа незапирливо и како прв фаворит за подигнување на првиот трофеј во сезоната.

Ерупција на „Сент Џејмс Парк“: Тинејџерот Мајли е херојот на „страчките“

Ако во Манчестер сè беше под контрола, во Њукасл видовме драма која само англискиот фудбал може да ја приреди. Бранителот на титулата, Њукасл Јунајтед, успеа да го елиминира Фулам со 2-1, благодарение на голот на 19-годишниот Луис Мајли во судиското продолжение.

Натпреварот започна идеално за домаќините кога рекордното засилување Јоан Виса погоди за водство, покажувајќи дека 55-те милиони фунти исплатени токму на Брентфорд почнаа да се исплаќаат. Но, Њукасл сè уште ги чувствуваше раните од болниот пораз во дербито против Сандерленд викендов. Фулам го искористи тој немир и преку Саша Лукиќ израмни на 1-1, носејќи го мечот на раб на пенали.

Во моментите кога стадионот со сите сили го скандираше името на Еди Хау, на сцена стапи младиот Мајли. Иако цел меч принудно играше како десен бек поради невидената криза со повреди (Трипиер, Хал, Барн и Ливраменто), тинејџерот се појави во противничкиот шеснаесеттник во 92-рата минута и со глава по корнерот на Тонали донесе делириум на трибините. Оваа победа е многу повеќе од пласман во полуфинале – таа е „инјекција“ за самодоверба на еден десеткуван тим кој одбива да ја предаде круната.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено