(ВИДЕО) Данска се одмазди: Падна европскиот шампион, Норвешка преживеа трилер против Шпанија!

 

Објавено:

Ова беше ноќ за која се живее во ракометот. Пред повеќе од 13.000 навивачи во „Јиске Банк Боксен“, Данска го покажа својот шампионски карактер и го нанесе првиот пораз на Франција на ова Првенство, додека претходно Норвешка извојува победа во меч кој се решаваше со ВАР-технологија во последната секунда.

Данскиот „пресврт“: Емил Нилсен и Јакобсен ја „срушија“ Франција (32:29)

По шокантниот пораз од Португалија, Данците беа со грбот до ѕид против бранителот на титулата. Иако Французите водеа во поголемиот дел од првото полувреме благодарение на одличниот голман Болзингер, домаќините најдоа нова сила во вторите 30 минути.

Клучниот момент се случи во 48-та минута кога Франција водеше со 23:21. Тогаш на сцена стапи Емил Јакобсен, кој постигна пет од следните шест гола за Данска, додека Емил Нилсен (прогласен за играч на мечот) „спушти ролетна“ на голот со 11 клучни одбрани.

„Денес беше брутално тешко. Чисто лудило и хаос на теренот. Пресреќен сум и горд на тимот што успеавме да дојдеме до овие два бода“, изјави херојот Емил Јакобсен.

Францускиот селектор Гијом Жил спортски го призна поразот: „Малку сме разочарани бидејќи дадовме сè, но морам да признаам дека Данска го одигра подобро финишот на натпреварот“.

Драма со ВАР: Норвешка ја испрати Шпанија во „нокдаун“ (35:34)

Претходно во истиот ден, го гледавме веројатно најдраматичниот финиш на првенството. Шпанија и Норвешка, двете со нула бодови, играа меч за опстанок. По епска битка со 60 минути трчање и „револверашки“ напад, Норвешка славеше со минимални 35:34.

Аугуст Педерсен беше незапирлив со 11 гола, но сепак главната улога ја имаа судиите и видео-анализата. Во последните 11 секунди, беа направени две видео ревизии – прво за фаул на Мартин Ховде, а потоа и за последниот напад на Шпанија. Судиите пресудија дека времето истекло пред Шпанците да упатат последен удар, што донесе делириум кај Норвежаните.

„Секогаш е тешко кога судиите одат да го проверуваат видеото. Бевме сите нервозни, но кога рекоа дека е крај, чувството беше неверојатно. Премногу емоции“, изјави десното крило на Норвешка, Кевин Гуликсен.

Од таборот на Шпанија, Каулди Одризола не го криеше разочарувањето: „Имам чувство дека правевме сè како што треба до 50-та минута, имавме топки за три гола разлика, но не ги искористивме“.

Состојба во Група 1

По првиот ден од главната фаза, ситуацијата е пеколно изедначена. Германија води со 4 бодови, додека Данска, Франција, Португалија и Норвешка имаат по 2. Шпанија останува последна со 0 и само теоретски шанси за полуфинале.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено