(Видео) Документарец: Како Данска изгради ракометна династија!

Објавено:

Додека Македонија се подготвува за утрешниот дуел против светскиот првак, во јавноста излезе новиот документарен филм „Founding Fathers“ (Основачи), кој ја открива ДНК-та на данската ракометна машина. Филмот е емотивно патување низ еволуцијата на овој спорт во Данска, раскажано од оние кои го изградија патот до врвот.

Легендите и новите ѕвезди на иста маса

Документарецот ги спојува иконите како Ларс Кристијансен, Каспер Хвидт и Ласе Сван со актуелните владетели на терените Матијас Гидсел и Емил Нилсен. Наместо на ракометен терен, тие поминаа еден ден во природа: собираа дрва за оган, подготвуваа храна и завршија со пиво и колбаси на плажа, разговарајќи за успесите, но и за болните неуспеси.

Гидсел: „Станав ракометар поради нив“

Најдобриот десен бек на светот, Матијас Гидсел, на денешниот собирот со новинарите не криеше дека средбата со неговите идоли била емотивна лекција.

„Беше задоволство да ги слушнам нивните искуства и да разберам дека нашата генерација постои само благодарение на нив. Тие направија многу добри работи, но поминаа и низ неуспеси од кои научија многу. Тоа е можеби најголемата работа во животот – да учиш од сопствените грешки“, изјави Гидсел.

75 минути чиста ракометна инспирација

Филмот кој трае 75 минути е веќе достапен на YouTube и нуди редок увид во тоа како една нација успева со децении да остане на самиот врв. Ова е задолжително четиво за секој ракометен фан пред утрешниот голем судир меѓу Македонија и Данска.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено