Репрезентацијата на Франција испрати застрашувачка порака до конкуренцијата на ЕХФ ЕУРО 2026, откако во неверојатен натпревар ја совлада Португалија со 46:38. Овој дуел влезе во историјата како натпревар со најмногу постигнати голови на еден европски шампионат (вкупно 84), соборувајќи го претходниот рекорд поставен само пред неколку дена на мечот меѓу Словенија и Црна Гора (81).
Француско „торнадо“ во првото полувреме
Ако некој се сомневаше во формата на „триколорите“ по поразот од Данска, одговорот пристигна уште во првите 30 минути. Франција одигра совршено полувреме, постигнувајќи рекордни 28 гола (28:15), што е највисок број на погодоци на една екипа во едно полувреме во историјата на ЕП.
Дика Мем беше незапирлив со перфектни 8 гола од 8 обиди, добивајќи ја заслужено наградата за играч на натпреварот. Португалците, кои претходно ја шокираа Данска, денеска изгледаа целосно изгубено, редејќи технички грешки и промашени зицери пред расположениот Шарл Болзингер на францускиот гол.
Историјата се пишува во 2026 година
Овој натпревар не беше само обична победа, туку фестивал на рекорди:
- 84 голови на еден меч – апсолутен рекорд на ЕП.
- 28 голови во едно полувреме – рекорд на Франција за најефикасни 30 минути.
- 46 постигнати голови – Франција по вторпат на овој турнир (по мечот со Украина) го израмни сопствениот рекорд за најмногу голови на еден тим.
Иако Португалија го подобри впечатокот во вториот дел и успеа да ја намали разликата, Французите рутински ја одржуваа предноста. Кај Португалија дури петмина ракометари постигнаа по 5 гола (Итуриза, Брандао, Салвадор, Бранкињо и Фраде), но нивната одбрана едноставно немаше решение за расположените Французи каде дури 13 ракометари се запишаа во листата на стрелци.
Со оваа победа Франција се искачи на четири бода во Групата 1, додека Португалија останува на два бода по вториот последователен пораз во главната фаза.



