(Видео) Голот на Панчев и Црвена Звезда на врвот на светот!

Објавено:

На вчерашен ден, (извинете вчера не стигнавме поради празнични активности да напишеме во рубриката „На денешен ден“, но мислиме дека вреди и тоа како да го имаме, па го чувавме за денес)… Па, да почнеме од почеток… На вчерашен ден, 8 декември, пред точно 34 години, Црвена Звезда го освои Интерконтиненталниот куп во Токио.

Звезда се најде на врвот на светот, а нашиот Дарко Панчев беше стрелец на извонредниот трет гол против чилеанскиот Коло Коло. Резултатот од 3:0 до ден денес останува во сеќавање, како еден од најголемите момент во историјата на клубот.

И покрај тоа што „Црвено-белите“ играа со десет играчи по исклучувањето на Дејан Савичевиќ во првото полувреме, тоа не ја поколеба екипата. Големата победа беше најавена со голот на Владимир Југовиќ, кој беше стрелец на првите два погодоци.

Меѓутоа, печатот на незаборавната победа го стави „Кобрата“ – нашиот Дарко Панчев. Во 70. минута, Панчев, еден од најдобрите напаѓачи во Европа во тоа време, го постигна извонредниот, трет гол, со што ја запечати доминацијата на Звезда и ја испиша историјата.

„Мојот гол беше една феноменална контра која тргна од нашата задна линија. Оттаму топката стигна до Југовиќ, а тој убаво ја изнесе кон центарот. Во меѓувреме јас тргнав во спринт за да отворам простор на левата страна за Синиша Михајловиќ, кој како брз воз истрча во тој дел од теренот. Кога повлеков двајца играчи со себе се отвори простор, Југовиќ тоа убаво го забележа и ја проследи топката до Михајловиќ. Тој веднаш повлече напред, па потоа остро по земја ме побара мене на другата статива. Топката помина, а јас само ја потврдив таа убава акција. Голот беше навистина убав и тоа беше печат на тој убав натпревар кој го одигравме“, се сеќава „Кобрата“.

„Да се биде дел од таа генерација беше преубаво. Уште поубаво беше да се биде еден од играчите кои беа носители на тој успех. Звезда сите тие скоро 50 години беше меѓу најдобрите клубови во Европа. Многу пати беше на чекор до голем успех. Мене секако ми е многу драго што сум дел од тоа семејство, клубот, бојата и бесмртната историја. Сите тие преубави моменти ги паметиме и ние играчите, и навивачите и сите оние кои нè следеа во тоа време“, додава Панчев.

Овој натпревар останува симбол на златната генерација на Црвена Звезда и е монументален момент во кариерата на нашиот Дарко Панчев.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено