Лидерот во Серија А, Интер, продолжува да ги „расипува“ своите шанси за мирна завршница на сезоната. Во пеколна атмосфера во Фиренца, избраниците на Александар Коларов (кој го менуваше суспендираниот Киву) одиграа само 1-1 против Фиорентина, дозволувајќи му на градскиот ривал Милан да ја намали предноста на само шест бода.
Ова е трет меч по ред без победа за Интер во домашното првенство, што по поразот во дербито и ремито со Аталанта, веќе ги пали сите аларми во сино-црниот табор.
Шок-старт на Еспозито и поништени голови
Натпреварот започна како од бајките за гостите од Милано. По само 39 секунди игра, Николо Барела одлично нафрли, а младиот Франческо Пио Еспозито со прецизен удар со глава го совлада Давид Де Хеа за молк на „Артемио Франки“.
Сепак, раното водство не ја скрши Фиорентина. До крајот на првиот дел видовме вистинска војна на теренот. Барела постигна втор гол кој беше поништен поради офсајд, а истата судбина ја доживеа и Моисе Кин на спротивната страна. Интер бараше и пенал поради играње со рака на Понграчиќ, но ВАР процени дека нема елементи за најстрога казна.
Притисокот на „Виола“ вроди со плод преку Ндур
Во второто полувреме, Фиорентина тргна на сè или ништо. Јан Зомер во неколку наврати го спасуваше Интер, особено по ударите на Кин и Ндур, но бедемот конечно попушти во 80-та минута.
Гудумндсон испрати остар дијагонален удар кој Зомер успеа само кратко да го одбие, а на вистинското место се најде Шер Ндур, кој ја затресе мрежата за израмнување и голема радост на домашните навивачи.
Драма во 95-та минута: Де Хеа го спаси бодот
Интер можеше да стигне до победа во буквално последната секунда од мечот. Трагичарот Еспозито мајсторски ја прими топката со грб кон голот, се сврте и биеше силно, но Давид Де Хеа со нестварна рефлексна одбрана спречи „нероазурите“ да си заминат со три бода.
Со овој кикс, Интер сега има 72 бода, шест повеќе од Милан, додека Фиорентина ја продолжува својата одлична недела по обезбеденото четвртфинале во Конференциската лига.



