Во светот на фудбалот, презимето Кројф тежи колку планина. Јорди Кројф цел живот живееше во сенката на „Бесмртниот“, неговиот татко, легендарниот Јохан Кројф. Но, во искрениот разговор за The Overlap со Гери Невил, Рој Кин, Џејми Карагер и Иан Рајт, Јорди за првпат покажа дека неговата најголема битка не била на теренот, туку во болничките ходници.
Ова е приказна за фудбалски гениј, за Барселона по Меси, но пред сè, за татко кој мораше да биде посилен од најлошата дијагноза.
Јохан Кројф дома: „Исчисти го моторoт ако сакаш џепарлак“
За светот, Јохан Кројф беше револуционер. За Јорди, тој беше татко кој никогаш не носеше фудбал дома. „Кога ќе изгубеше финале во Лига на шампиони (како тоа со Милан 0-4), ќе влезеше дома насмеан: ’Како сте? Како поминавте на училиште?‘ Никогаш не ја носеше негативната емоција дома“, открива Јорди.
И покрај славата, Јохан бил строг родител. „Ако побарав пари, тој ќе речеше: ’Прво исчисти ми го моторот и колата, па ќе добиеш нешто‘. Не добивавме ништо на тацна“.
Барселона по Меси: Најтешката работа на светот
Во 2021 година, Јорди се врати во Барселона како спортски директор во најтешкиот момент, еден месец откако Лионел Меси го напушти клубот. Финансискиот фер-плеј ги врза рацете на клубот, а тој мораше да им соопшти на легенди во своите 30-ти години дека нивното време поминало.
„Тоа беа најтешките разговори. Да му кажеш на играч кој освоил сè дека е време да си оди… Првата реакција е лутина, се чувствуваат отфрлено. Но, интересно е што токму тие играчи подоцна ми се заблагодаруваа за искреноста“, вели Јорди.
Животната драма: „Имав 15 операции, но ова ме скрши“
Најпотресниот дел од разговорот е моментот кога Јорди зборува за болеста на својата ќерка Данае. „Јас сум ‘пештерски човек’, кога имам проблем се повлекувам. Не гледав фудбал повеќе од една година. Мојата глава беше само со неа – операции, коска, титаниум, хемиотерапија…“, раскажува тој со треперлив глас.
Една случајност им го спасила животот. Додека биле на одмор, Данае почувствувала болка во коленото. Сакале да летаат следниот ден, но докторот (кој случајно се вратил во болницата бидејќи го пропуштил летот) им рекол да не летаат и да направат тестови. „Тој доктор е нашиот ангел. Ако летавме следниот ден, тоа ќе беше крајот. Тој нè спаси“.
Данае, која исто така се појави во емисијата, денес е здрава и студира мода во Милано. Нејзината победа е најголемиот трофеј што презимето Кројф некогаш го освоило.
Погледнете го целиот подкаст овде:
Следете нè: Facebook | Instagram | X



