Манчестер Јунајтед пропушти уште една златна шанса да се искачи на петтото место во Премиер лигата. Во натпревар кој требаше да биде рутина против „давеникот“ Вест Хем, „Црвените ѓаволи“ дозволија шокантно реми (1-1) во самиот финиш, предизвикувајќи бура од незадоволство на трибините и во ТВ студијата.
Рубен Аморим беше видно нервозен, а легендарниот Рој Кин не бираше зборови, опишувајќи ја одбраната на својот поранешен клуб како „екипа од паб“.
Далот донесе надеж, Магаса студен туш
Јунајтед доминираше со поседот, но тешко создаваше чисти шанси во првиот дел. Мразот конечно го скрши Диого Далот во 58-та минута. Португалецот го постигна својот прв премиерлигашки гол по повеќе од две години, со прецизен удар по одбиената топка од Касемиро.
Се чинеше дека Јунајтед конечно ќе врзе две победи, но Вест Хем имаше друг план. Во 83-та минута, резервистот Сунгуту Магаса ја искористи конфузијата по корнерот и лошата реакција на одбраната за да го постигне својот прв гол за клубот и да ги постави конечните 1-1.
Рој Кин: „Се бранеа како екипа од паб!“
Најостар во критиките, како и обично, беше Рој Кин. Анализирајќи го натпреварот за Sky Sports, тој потенцираше дека Јунајтед делувал „исплашено“ наместо да го „затвори“ натпреварот.
„Не би му верувал на овој тим. Има голови во нив, но дефанзивно и во средината сè уште има огромни прашалници… Во последните 3-4 натпревари изгледаат очајно. Се бранеа како екипа од паб“.
Аморим: „Фрустриран сум и лут!“
Менаџерот Рубен Аморим не го криеше своето разочарување. Иако вети дека нема да крши телевизори во соблекувалната (како по поразот од Брајтон во јануари), тој призна дека тимот потфрлил во контролата на мечот.
„Фрустриран, лут, тоа е тоа… Не можеме да дозволиме екипа која е толку повисока од нас да има корнер во такви моменти. Ја изгубивме контролата“.
Емотивна вечер за Вест Хем
За гостите, овој бод имаше посебно значење. Околу 3.000 навивачи на Вест Хем цел натпревар пееја во чест на клупската легенда Били Бондс, кој почина во неделата на 79-годишна возраст. Менаџерот Нуно Еспирито Санто изјави дека овој борбен дух е најдобар начин да му се оддаде почит на Бондс.
Јунајтед сега останува на 8-та позиција, додека Вест Хем сè уште е во опасната зона, но со голема самодоверба пред гостувањето кај Брајтон.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



