Екипата на Комо продолжува со својот неверојатен марш низ Серија А. Избраниците на Сеск Фабрегас славеа важна победа на гости кај Каљари со 2-1, резултат кој ги искачи на петтата позиција на табелата и ги вклучи во директна борба за местата кои водат во Лигата на шампионите.
Батурина ја отвори серијата, Еспозито врати надеж
Натпреварот започна со иницијатива на гостите, кои ја искористија својата прва сериозна прилика. По една украдена топка во средината, Лукас Да Куња неперцизно шутираше, но тоа се претвори во совршена асистенција за Мартин Батурина, кој од непосредна близина ја затресе мрежата на домаќините.
Каљари, иако десеткуван од повреди (недостасуваа Белоти, Мина, Гаетано и многу други), покажа заби во финишот на првиот дел. По одличниот продор на Палестра, Себастијано Еспозито со пожртвуван удар со глава донесе израмнување (1-1) и огромна радост на трибините на „Сант Елија“.
Ремек-делото на Да Куња за три бода
Кога се чинеше дека Каљари има моментум за целосен пресврт, на сцена стапи Лукас Да Куња. Французинот ја прими топката на околу 20 метри од голот и со спектакуларен удар со надворешниот дел од левото стапало ја испрати топката во самиот агол, што беше неодбранливо за домашниот голман. Овој „еврогол“ се покажа како пресуден за конечниот исход.
До крајот, голманот на Комо, Жан Бутез, мораше да интервенира со врвна парада по ударот на Адопо за да ги сочува трите бода кои го носат Комо на прагот на историски успех.



