Надежите на Милан за Скудетото вечерва доживеаја сериозен удар во Рим. По големата победа во градското дерби минатата недела, избраниците на Макс Алегри не ја искористија шансата да му се приближат на Интер, губејќи од Лацио со минимални 1-0.
Марушиќ асистент, Исаксен прецизен
Црногорскиот интернационалец Адам Марушиќ испрати долга и прецизна топка која го пронајде Густав Исаксен. Данецот ја искористи неодлучноста на Еступињан, излезе „очи в очи“ со Мајк Мењан и ладнокрвно погоди во поблискиот агол за голема радост на „небесно-сините“.
Лацио играше храбро и покрај бројните повреди во тимот, а навивачите кои го прекинаа бојкотот создадоа пеколна атмосфера која им даде дополнителен мотив на играчите на Маурицио Сари.
Нервоза на клупата: Леао лут на Алегри
Покрај резултатот, главна тема по натпреварот ќе биде однесувањето на Рафаел Леао. Португалецот беше заменет во второто полувреме, одлука која очигледно не му се допадна. Леао реагираше луто, одбивајќи ја прегратката на Макс Алегри, а голманот Мењан мораше да интервенира за побрзо да го изнесе својот соиграч од теренот за да не се губи време. Оваа тензија во соблекувалната доаѓа во најлош можен момент за Милан.
Драма во финишот и црвен картон за Сари
Милан притискаше во финишот, а младиот Атекаме дури и ја затресе мрежата по еден корнер, но голот беше поништен поради играње со рака. Иако влегоа и Модриќ и Пулишиќ, одбраната на Лацио на чело со голманот Мота остана несовладлива.
Нервозата кулминираше во судиското продолжение кога тренерот на Лацио, Маурицио Сари, заработи црвен картон поради приговори кон судијата, но тоа не ја расипа славата на неговиот тим кој освои златни бодови во борбата за Европа.



