По неколку натпревари без триумф, Лацио конечно се врати на победничките патеки со заслужена, но тешко изборена победа од 2:0 против Каљари на „Олимпико“. Тимот на Маурицио Сари доминираше во текот на целиот натпревар, но требаше да помине повеќе од еден час за конечно да го пробие бедемот на гостите од Сардинија.
Во првото полувреме „бјанкочелестите“ имаа речиси целосна контрола над топката, но наидоа на маестралниот голман Елија Каприле, кој со неколку одбрани ги држеше своите во игра. Адам Марушиќ ја натера публиката да воздивне со убав удар кој заврши крај стативата, а Закањи и Томаш Басиќ не успеаја да го искористат притисокот од блиску.
Каљари, предводен од новиот тренер Фабио Писакане, се бранеше дисциплинирано и се обидуваше да одговори преку контра напади на Џанлука Гаетано и Мајкл Фолоруншо, но Иван Проведел немаше многу работа во првиот дел.
По паузата, Лацио притисна уште посилно, а наградата стигна во 66-та минута, кога Матео Гендузи мајсторски му ја подаде топката на Густав Исаксен, кој со силен удар по земја го совлада Каприле за 1:0 и прв гол сезонава за Данецот.
Во финишот, гостите се обидоа да израмнат, но Сари реагираше со свежи сили, Педро и Тијани Нослин го зголемија темпото, а во последните моменти Матија Закањи со прецизен удар го потврди триумфот за 2:0 и големо олеснување за Лацио, кој останува во трката за европските места.
Во вториот натпревар од денот: Драматичен триумф на Џенова во Реџо Емилија
Во првиот од двата последни натпревари од 10-та коло во Серија А, Џенова славеше со 2:1 против Сасуоло, благодарение на голот на Лео Остигард во 93-та минута.
„Грифоните“ поведоа преку Руслан Малиновски, но домашните израмнија со погодокот на Доменико Берарди, кој го прослави својот 150-ти гол во кариерата. Сепак, во последните секунди од судиското надополнување, Норвежанецот Остигард скокна највисоко по еден корнер и им донесе огромна победа на гостите.
Ова беше совршен старт за новиот тренерски тандем Мургита – Крискито, кои дебитираа со триумф, за радост на околу 1.200 навивачи на Џенова кои го исполнија гостинскиот сектор во Реџо Емилија. Сасуоло, пак, по серија од пет натпревари без пораз, го прекина позитивниот ритам токму на домашен терен.
Со овие резултати, Лацио повторно се приклучува во горниот дел на табелата, додека Џенова освојува драгоцени поени во борбата за опстанок.


