Тимот на Антонио Конте покажа неверојатен карактер и успеа да слави со 3-2 против Џенова, во натпревар кој имаше сè: пенал по само 15 секунди, повреда на клучниот играч Мектоминеј, црвен картон за Жуан Жезус и победнички гол од белата точка во длабокото судиско продолжение. Херој на денот е Расмус Хојлунд, кој со два гола ги донесе трите бода под Везув.
Шокантен старт и македонска асистенција на терен
Натпреварот започна катастрофално за Наполи. По само 15 секунди, Бунџорно направи почетничка грешка, Мерет го собори Витиња, а Малиновски беше прецизен од пенал за водство на домашните. Сепак, Наполи одговори експресно. Најпрво Хојлунд израмни во 20. минута по една одбиена топка, а само две минути подоцна Скот Мектоминеј со вистинска „ракета“ од 25 метри донесе целосен пресврт.
Интересен момент се случи меѓу двата гола. Додека Мектоминеј се жалеше на болка, нашиот Елиф Елмас беше тој што со „магичен спреј“ му го прскаше зглобот на Шкотланѓанецот за да може да продолжи. За жал, Мектоминеј подоцна мораше да го напушти теренот поради повреда на мускулот.
Црвен картон и ВАР драма за крај
Џенова се врати во игра во 57. минута преку Коломбо, повторно по грешка на Бунџорно, а кога Жуан Жезус заработи исклучување во 76. минута, се чинеше дека Наполи ќе биде задоволен и со бод.
Сепак, во 95. минута, по интервенција на ВАР поради прекршок врз Вергара, судијата Маса покажа на белата точка. Хојлунд ја презеде одговорноста и иако топката му помина под раката на Бијлов, таа заврши во мрежата за огромно славје на „партенопеите“.
Наполи со оваа победа останува во трка за највисок пласман, но Конте ќе има главоболки бидејќи покрај долгата листа на повредени (Де Брујне, Ангиса, Ди Лоренцо), сега го загуби и Мектоминеј, како и суспендираниот Жезус за дербито со Рома.



