На денешен ден, 28 октомври 1933 година, во сиромашното предградие на Рио де Жанеиро е роден Мануел Франциско дос Сантос. Името не ви значи ништо? Можеби. Но, неговите прекари ја раскажуваат целата приказна: Гаринча (мала птица), “Alegria do Povo” (Радоста на народот) и најпознатиот од сите: “Anjo de Pernas Tortas” (Ангелот со криви нозе).
На денешен ден е роден еден од најголемите фудбалски уметници што светот некогаш ги видел. Човекот кој беше дефиниција за фудбалска магија, икона чиј живот беше трагичен колку што неговата игра беше радосна.
Роден со извиткана кичма, со десна нога свиткана навнатре и лева нога, шест сантиметри пократка, свиткана нанадвор, докторите го отпишале како инвалид кој никогаш нема да може да оди правилно, а камоли да игра фудбал. Но, токму тој физички недостаток стана неговото најсилно оружје. Неговите криви нозе им овозможија на неговите дриблинзи да бидат непредвидливи, хипнотизирачки, танц со кој ги посрамотуваше најдобрите светски дефанзивци. Тој беше толку добар, што поради него навивачите на стадионите почнаа да го извикуваат она славно “Оле!”, позајмено од борбите со бикови.
One of football’s all-time greats would’ve been 92 today the legendary “Mané” Garrincha!
byu/superdouradas insoccer
Заедно со Пеле, тој беше дел од генерацијата што го донесе првиот трофеј на Светското првенство за Бразил во 1958 година. Факт е дека Бразил никогаш не загубил натпревар кога Пеле и Гаринча играле заедно.   
Но, неговата вистинска големина блесна на Светското првенство во 1962 година во Чиле. Откако Пеле се повреди на вториот натпревар, целиот товар на нацијата падна на плеќите на Гаринча. И тој не само што го издржа, туку го одигра еден од најдоминантните индивидуални турнири во историјата на фудбалот. Сам го однесе Бразил до втората последователна светска титула, освојувајќи ги Златната копачка за најдобар стрелец и Златната топка за најдобар играч на турнирот – подвиг што никој пред него не го направил. Чилеанските весници по полуфиналето, во кое тој ги уништи со два гола, излегоа со наслов: “Од која планета е Гаринча?”.
За жал, радоста што ја носеше на теренот беше во целосна спротивност со трагедијата на неговиот приватен живот. Демонот на алкохолизмот, наследен од татко му, го прогонуваше цел живот. Беше вмешан во сообраќајни несреќи, го прегази сопствениот татко, а во друга несреќа ја усмрти својата тешта. Имаше најмалку 14 деца со различни жени, бурен брак со познатата самба пејачка Елза Соарес и живот кој полека, но сигурно го влечеше кон дното.
Почина на 20 јануари 1983 година, на само 49 години, од цироза на црниот дроб, во алкохолна кома, сиромашен и заборавен од системот.
Но, не и од народот. Неговиот погреб беше еден од најголемите во историјата на Бразил. Милиони луѓе излегоа на улиците да го испратат својот херој, човекот кој им донесе неизмерна среќа. На неговиот гроб стои епитаф кој кажува сè: “Тука почива во мир оној кој беше Радоста на народот -Мане Гаринча”.
Можеби најдобро го опиша уругвајскиот писател Едуардо Галеано: “Во целата историја на фудбалот, никој не усреќил повеќе луѓе. Кога тој беше на теренот, теренот беше циркуски ринг, топката скротено животно, а натпреварот покана за забава. Гаринча го негуваше своето милениче, топката, и заедно правеа такви палавштини што луѓето речиси умираа од смеење”.


