Постојат датуми кои се врежани во колективната меморија на една нација. За Македонија, 12 ноември 2020 година е датумот кога фудбалот престана да биде само игра и стана национална гордост.
Денес, точно пет години подоцна, се потсетуваме на студената ноќ во Тбилиси, кога Македонија го сони својот најголем сон, пласман на Европско првенство!
Тишина во Тбилиси, ерупција во Македонија
Натпреварот се играше во морничава атмосфера. Стадионот „Борис Паичадзе“ беше празен поради пандемијата на КОВИД-19. Но, таа тишина само направи ехото од ударот на Горан Пандев да одекне посилно низ историјата.
Беше тоа финале на баражот од Лигата на нации. Грузија против Македонија. Влог: Дебитантски настап на ЕУРО 2020.
Натпреварот беше тврд, тактички, „шаховска партија“ помеѓу Владимир Вајс и Игор Ангеловски. Сè до таа 56. минута.
Акцијата што се учи во учебници
Тоа не беше обичен гол. Тоа беше уметност. Фудбалска поезија во движење. Елиф Елмас проби по левата страна, додаде до Илија Несторовски, кој со еден допир, мајсторски ја продолжи топката до Горан Пандев.
А таму? Таму беше „Гранде“. Со ладнокрвност на играч кој освоил Лига на шампиони, Пандев ја „боцна“ топката покрај голманот Лорија.
0-1.
Тој гол не беше само погодок. Тоа беше наплата за сите претходни генерации, за сите пропуштени шанси, за сите солзи.
„Една е Македонија!“ – Балканот се обедини во честитките
Она што го направи овој успех уште поголем беше реакцијата на целиот регион. Додека нашите фудбалери славеа на теренот, а селекторот Ангеловски и Пандев плачеа од среќа, социјалните мрежи гореа од поддршка од соседите.
Видеото од натпреварот на „Спорт Клуб“ стана зборно место за братство и единство преку спортот.
- „Една е Македонија! Браво момци, радувајте се!“
- „Честитки од Хрватска, таму каде вечно сонце сјае, таму е Македонија!“
- „Искрени честитки од Србија, заслуживте!“
- „Големо браво драги Македонци, поздрав од БиХ.“
Ова беше доказ дека кога спортот е чист и искрен, тој ги руши сите граници.
Пандев: „За ова се вратив“
По натпреварот, капитенот, човекот кој беше убеден од Мрме да се врати во репрезентацијата токму за овој циклус, изјави:
„Пресреќен сум. Имам играно многу вакви натпревари и мислам дека моето искуство помогна. Одигравме за гордоста на нашата нација“.
Пет години подоцна, тој момент во Тбилиси останува најсветлата точка во историјата на македонскиот фудбал. Денот кога Македонија стана дел од фудбалска Европа.
#СегаЕНашеВреме #НапредМакедонија #EURO2020 pic.twitter.com/nAO2qLDLhG
— FFM (@ffmmkd) November 12, 2020
Црвена, црвена,
— FFM (@ffmmkd) November 12, 2020
Боја ми е најмила,
Со тебе, секогаш
Одиме на победа
Црвена, црвена,
Боја ми е најмила,
За тебе, пееме,
Напред Македонија! 🇲🇰 pic.twitter.com/M3yXwIm6MX
🇲🇰 North Macedonia will make their EURO debut at #EURO2020 👏👏👏
— UEFA EURO (@UEFAEURO) November 19, 2020
🤩 @ffmmkd pic.twitter.com/y6BZvh2kNT



