(Видео) Наполи го „одјави“ шампионот: Хојлунд и Нерес го срушија Милан за финале во Ријад!

Објавено:

Додека калчолигашите се преселија во Саудиска Арабија за борба за првиот трофеј во сезоната, Наполи покажа дека е подготвен да ја прекине доминацијата на миланските клубови. Во првото полуфинале на стадионот „Кинг Сауд Универзитет“, тимот на Антонио Конте славеше со чисти 2-0 против Милан, со што го елиминираше актуелниот бранител на трофејот.

Елмас стартер, Хојлунд незапирлив

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас го започна натпреварот во стартниот состав и беше еден од најактивните во раната фаза, принудувајќи го Мајк Мењан на интервенција уште во првите пет минути. Иако Милан се обидуваше преку Алексис Салемакерс и Лофтус-Чик, мрежите мируваа до финишот на првиот дел.

Клучниот момент се случи во 39. минута. По еден продор на Расмус Хојлунд, неговата повратна топка несмасно ја допре Мењан, само за да му ја „намести“ на Давид Нерес, кој без проблеми погоди за 1-0.

Извор: https://x.com/SerieA_EN

Данскиот „тенк“ го завери билетот за финале

Во второто полувреме, Милан и Масимилијано Алегри не најдоа решение за цврстата поставена одбрана на Наполи, каде блескаше голманот Вања Милинковиќ-Савиќ. Точка на натпреварот стави фантастичниот Расмус Хојлунд во 64. минута. Данскиот напаѓач буквално го „отфрли“ својот чувар Кони Де Винтер и од многу тежок агол ја погоди далечната статива за конечни 2-0.

Крај на миланската доминација?

Со оваа победа, Наполи ќе го игра своето прво финале во Суперкупот по 2014 година, обидувајќи се да дојде до својот трет трофеј во ова натпреварување. Од друга страна, Милан го предава трофејот што го освои минатата сезона, по серијата од четири години во кои само тие или Интер го подигнуваа овој пехар.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено