Балканскиот карактер, борбеноста и срцето на терен уште еднаш покажаа дека се посилни од сè! Репрезентацијата на Босна и Херцеговина испиша херојска фудбалска приказна откако среде Кардиф ја елиминираше селекцијата на Велс по изведување на пенали (4:2), оставајќи ги домаќините во солзи, а својата нација во делириум.
Со оваа победа, нашите балкански соседи се на чекор до пласман на Светското првенство во 2026 година, а последна пречка на тој пат ќе им биде моќната Италија.
Неуништливиот Џеко ја спаси Босна
Мечот не започна добро за избраниците на Сергеј Барбарез. Велс доминираше во првото полувреме, а во 51. минута Даниел Џејмс со спектакуларен удар од 25 метри донесе водство за домаќините од 1:0. Стадионот во Кардиф веќе почна да ја слави победата, но Босанците одбија да се предадат.
Кога беше најтешко, на сцена стапи најголемиот, Един Џеко. Иако неодамна наполни 40 години, популарниот „Дијамант“ во 86. минута се издигна над велшката одбрана и со фантастичен удар со глава израмни на 1:1, постигнувајќи го својот 73-ти гол во националниот дрес и носејќи го натпреварот во продолженија.
Пенал-рулет и херојот Васиљ
Откако мрежите мируваа во дополнителните 30 минути, патникот во финалето се решаваше преку пенали. И таму почна лошо за Босна, голманот на Велс го одбрани првиот удар на Демировиќ.
Но, притисокот потоа ги скрши Велшаните. Бренан Џонсон биеше над голот, а босанскиот голман Никола Васиљ маестрално го одбрани ударот на Неко Вилијамс. Одлучувачкиот пенал ладнокрвно го реализираше Керим Алајбеговиќ за конечни 4:2, праќајќи ја Босна во големото мундијалско финале!
Следен предизвик за храбрите Босанци е домашниот натпревар в вторник против Италија. Целиот Балкан ќе навива за „Змејовите“ да го направат последниот чекор кон Америка!



