(Видео) Њукасл испуштија победа во последен момент, ПСЖ со реми кај Атлетик, Арсенал и Јувентус рутински до победи!

Објавено:

Возбудливата вечер во Лигата на шампионите ни донесе драма, доминација и критични бодови во борбата за нокаут фазата. Во центарот на вниманието од останатите мечеви покрај дербито на вечерта меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити, беше германско-англискиот дуел, каде Њукасл испушти победа во последен момент, додека Арсенал и Јувентус со леснотија си ги завршија работите.

Грималдо ја продолжи агонијата на Њукасл (Бајер Леверкузен 2-2 Њукасл)

Можеби неочекувано најинтересниот натпревар вечерва донесе голема драма и уште еден горчлив момент за Њукасл Јунајтед. „Страчките“ испуштија победа во самиот финиш, откако Алекс Грималдо му донесе драматичен бод на Бајер Леверкузен (2-2).

Гостите мораа да прават пресврт по автоголот на капитенот Бруно Гимараеш во 13. минута. Но, Њукасл се врати во второто полувреме. Израмни Ентони Гордон од пенал (51. минута), откако голманот Марк Флекен направи грешка при исфрлање на топката и го фаулираше противничкиот играч. Гордон, кој игра во одлична форма, беше асистент за водството во 74. минута, кога 19-годишниот резервист Луис Мајли со глава го постигна својот прв гол во ова натпреварување, станувајќи најмлад стрелец во историјата на Њукасл во ЛШ.

Сепак, Леверкузен не се предаде, а Грималдо во 88. минута ја искористи одличната акција на домаќините и пласираше во мрежата за конечни 2-2. Ова е втора недела по ред како тимот на Еди Хау губи бодови во самиот финиш, што ја доведува во прашање нивната ментална стабилност.

Европскиот шампион немоќен (Атлетик Билбао 0-0 Париз Сент Жермен)

Европскиот шампион Париз Сент Жермен не успеа да ја пробие одбраната на Атлетик Билбао, одигрувајќи без голови 0-0 на „Сан Мамес“. Иако тимот на Луис Енрике доминираше и создаде најголем број шанси, голманот Унаи Симон беше непробоен.

ПСЖ ја погоди пречката преку Бредли Баркола, а Фабијан Руиз пропушти неколку добри шанси. Најдобрата шанса на крајот му беше одбранета на Руиз, а Јури Берчиче чистеше од гол-линијата. И покрај киксот, ПСЖ останува во Топ 8, но Атлетик Билбао сега е само два бода од плеј-оф позиција.

Арсенал без проблеми против Бриж за врвот на табелата (Арсенал 3-0 Клуб Бриж)

Арсенал продолжи со својот максимален учинок, рутински совладувајќи го Клуб Бриж со 3-0 и речиси сигурно обезбедувајќи место во осминафиналето, избегнувајќи ја плеј-оф рундата.

Тренерот Микел Артета направи пет промени по поразот од Астон Вила, а токму еден од новите играчи, Нони Мадуеке, ја отвори серијата голови со одличен удар од 20 метри, кој се одби од пречката и влезе во мрежата.

Мадуеке блесна и на почетокот на второто полувреме, постигнувајќи го својот втор гол со глава по одличниот центаршут од Мартин Зубименди. Третиот гол беше дело на Габриел Мартинели во 56. минута со прекрасен уда од далечина.

Вечерта беше позитивна и поради други причини: Габриел Жезус се врати на терените по 342 дена отсуство поради повреда на вкрстените лигаменти, а деби за првиот тим забележа и 16-годишниот Марли Салмон.

Спалети мораше тактички да менува: Јуве се извлече со победа (Јувентус 2-0 Пафос)

Јувентус со големи маки дојде до клучни три бода против Пафос на домашен терен, триумфирајќи со 2-0. Иако резултатот изгледа рутински, тимот на Спалети беше под голем притисок и прими свирежи од публиката на полувреме.

Кипарскиот тим имаше две шанси, при што напаѓачот Андерсон двапати ја погоди рамката на голот во првото полувреме, а Јувентус беше критикуван поради неефикасноста. Тренерот Спалети реагираше во вториот дел, префрлајќи на формација 4-2-3-1, а набрзо стигна и наградата.

Вестон МекКени го скрши мразот со моќен и прецизен удар под пречката, а само шест минути подоцна, Џонатан Дејвид го зголеми водството на 2-0 по одлична контра.

Со овие девет бода, Јувентус направи голем чекор кон плеј-оф рундата, но сè уште ја брка „речиси невозможната цел“ да заврши во Топ 8 и да го избегне февруарскиот плеј-оф.

Дортмунд испушти победа двапати (Борусија Дортмунд 2-2 Бодо/Глимт)

Надежите на Борусија Дортмунд за автоматски пласман во нокаут фазата добија силен удар откако Бодо/Глимт двапати се враќаше од негатива за да извлече реми 2-2 на „Сигнал Идуна Парк“. Тимот на Нико Ковач беше доминантен со 22 удари кон голот, но на крајот не успеа да триумфира.

Жулијан Бранд прв го отвори резултатот за домаќините, но ветеранот Хаитам Алесами израмни од корнер. Во вториот дел, Јенс Петер Хауге повторно ја поништи предноста на Дортмунд, која претходно беше воспоставена од Бранд. Со овој резултат, Дортмунд падна од Топ 8 и ќе мора да се бори во последните мечеви за да го избегне плеј-офот.

Краток преглед на останатите натпревари

Копенхаген со голем пресврт го победи Виљареал со 3-2 со гол во последен момент на Андреас Корнелиус. Со оваа победа, Копенхаген се искачи во зоната за нокаут плеј-офот, додека Виљареал е пред елиминација.

Ајакс ја забележа првата победа во Лигата на шампионите, враќајќи се од негатива двапати за да го победи Карабаг со 4-2. Холандскиот тим постигна три гола во последните 11 минути, но и покрај победата, нивните шанси за пласман понатаму се многу мали.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено