Ливерпул пропушти шанса да освои вредни три бода, откако испушти водство во два наврати и ремизираше 3-3 на гостувањето кај Лидс Јунајтед.
По прво полувреме без голови, се чинеше дека тимот на Арне Слот ќе ја контролира играта. Хуго Екитике постигна два гола за само три минути и донесе солидна предност. Но, дефанзивната грешка на Ибрахима Конате, кој направи пенал, му овозможи на Доминик Калверт-Луин да намали од белата точка.
Иако Антон Стах израмни за Лидс во 75. минута, Доминик Собослаи пет минути подоцна го врати водството на Ливерпул. Кога сите очекуваа крај, резервистот Ао Танака во 96-та минута со волеј ја затресе мрежата по корнер и предизвика вистински хаос на „Еланд Роуд“!
Ливерпул останува непоразен на последните три меча (иако Мохамед Салах повторно започна од клупата), но фрли во ветар сигурна победа. Лидс, пак, со овој бод се искачи на 16-то место.
Челси не знае да победи, Делап се повреди (0-0)
Челси продолжува со лошата форма и не успеа да даде гол, играјќи досадно 0-0 на гостувањето кај Борнмут. Ова е трет натпревар без победа за тимот на Енцо Мареска, што сериозно ги загрозува најавите за можна трка за титулата.
Нападот на Челси делуваше анемично, а враќањето на Кол Палмер (кој започна по долга пауза поради повреда) не донесе промена. Единствената светла точка беше Педро Нето, кој ги создаде најдобрите шанси.
Најлошата вест за Челси е повредата на рамото на младиот напаѓач Лиам Делап, кој мораше да биде заменет во првото полувреме. Домаќините, иако сега се шест меча без победа, може да бидат задоволни од прикажаната борбеност, и покрај поништениот гол на Антоан Семењо на почетокот на мечот.
Гимараеш со гол од корнер го среди Барнли со 10 играчи (2-1)
Њукасл Јунајтед славеше со 2-1 на „Сент Џејмс Парк“ против Барнли, но не без нервоза во финишот.
Херој на мечот беше капитенот Бруно Гимараеш, кој постигна спектакуларен гол директно од корнер – прв таков гол за Њукасл (20 вооошто од сите клубови) во историјата на Премиер лигата!
Проблемите за Барнли се продлабочија кога дефанзивецот Лукас Пирес доби црвен картон во првото полувреме. Њукасл ја искористи бројчаната предност, а Ентони Гордон зголеми на 2-0 од пенал пред паузата.
Иако Зиан Флеминг намали од пенал во судиското продолжение по ВАР интервенција, Њукасл успеа да се одбрани и да ја оствари третата победа во последните четири меча. За Барнли, ова е шести последователен пораз, оставајќи ги на четири бода од безбедната зона.
Сити ја заостри борбата за титула со победата над Сандерленд (3-0)
Манчестер Сити ја затегна трката за титулата, експлоатирајќи го вчерашниот пораз на Арсенал од Астон Вила. Тимот на Пеп Гвардиола рутински го совлада Сандерленд со 3-0 и се приближи на само два бода до врвот на табелата.
Иако Сандерленд во првиот половина час се бранеше организирано, „Граѓаните“ брзо го решија натпреварот со голови од двата централни дефанзивци. Рубен Дијаш постигна вистински гром од 30 метри кој се одби од еден противнички играч и заврши во мрежата. Само четири минути подоцна, Јошко Гвардиол со силен скок по корнерот на Фил Фоден зголеми на 2-0.
Во вториот дел, Фил Фоден го постигна и третиот гол, по мајсторската асистенција со „рабона“ на францускиот интернационалец Рајан Шерки, кој блесна со две асистенции на мечот.
Бари го скрши мразот, Евертон до петтото место (3-0)
Тимот на Евертон под водство на Дејвид Мојес продолжува да ги изненадува сите! Со убедлива победа од 3-0 над Нотингем Форест, „Карамелите“ се искачија на импресивното петто место во Премиер лигата.
Победата беше најавена уште во втората минута со автоголот на Миленковиќ. Но, најубавиот момент се случи во судиското надополнување на првото полувреме, кога Тиерно Бари го постигна својот првенец за Евертон, по неверојатни 16 натпревари без гол. Притисокот е конечно симнат од 23-годишниот напаѓач. Победата ја запечати Кирнан Дјусбери-Хол со трет гол во финишот.
Ова беше незгодно враќање на „Гудисон Парк“ за поранешниот менаџер на Евертон, Шон Дајч (сега на клупата на Форест), чиј тим останува загрозен од долниот дел на табелата.
Ѕвездениот Хави Симонс го спаси Френк (2-0)
Тотенхем конечно забележа убедлива победа на домашен терен, совладувајќи го Брентфорд со 2-0. Ова е многу важен резултат за тренерот Томас Френк, кој беше под сериозен притисок по слабите резултати на „Вајт Харт Лејн“. Ова е само втора домашна победа за Спарси оваа сезона.
Ѕвезда на вечерта беше летниот потпис Хави Симонс, кој конечно го покажа својот потенцијал. Тој прво му асистираше на Ричарлисон за лесно водство, а потоа со фантастична соло-акција од својата половина, го постигна својот прв гол во дресот на Тотенхем. Победата донесе мир и оптимизам во клубот.



